Пасионираните противници на Иднината за Македонија, со неподнослива леснотија запенавено и со предозирана патетика го дефинираат поимот Патриотизам како „подготвеност да се УМРЕ или да се жртвува и сопствениот живот за својата држава…“.
За разлика од ваквите, лидерот на актуелната власт го дефинира вистинскиот Патриотизам како „безрезервна подготвеност да се ЖИВЕЕ за својата држава, но и да се ЖИВЕЕ ВО СВОЈАТА ДРЖАВА !!!“
Американската „икона“ Willie Nelson (музичар, поет и граѓански активист) мудро забележува: „Кога некоја личност, народ или држава – доволно долго време е неуспешен во некоја работа и во справувањето со некој проблем во континуитет – тоа исто така станува Легенда!“… Очигледно, дел од граѓаните во Македонија се уиграле во таа легендарна улога на „страдалници од памтивека“ со самододелена приоритетна мисија на некакви заштитници на светиот спомен за „пролеаната крв на нашите дедовци“, па со френетично изразен националистички мазохизам прават сè за да се спротивстават на секоја (позитивна) промена во веќе вкоренетиот лузерски менталитет. Опседнати исклучиво со минатото, таквите не сакаат ни да зборуваат за нова, победничка улога на Македонија во современата регионална и глобална „претстава“ на сцената од 21-от век. Хистерично пелтечат за некое велепредавство, за манипулации, лаги и капитулации… огромни дози на дефетизам, „професионално“ себесожалување и чувство на безизлез. Токму таквите ретро-лидери, квази-експерти и изветвени дипломати исполнети со мувлосано политиканство, со суетни каприци и со адолесцентни инаетења, деструктивно манипулираат со чувствата и со ставовите на искрено загрижениот и збунет народ во нашава држава.
Академската јавност од сферата на политичките науки, како и практичарите во областа на меѓународните односи и дипломатијата, многу добро знаат дека во својата работа не можат и не смеат да се потпираат врз некоја егзактност и врз константи, туку комплексно да ги анализираат сите еволутивни промени и трендови во актуелниот општествен контекст. Затоа, со секој нов процес на градење и формулирање на својата „updated“ надворешна политика, државата и нејзиното лидерство мораат длабоко да го согледаат и анализираат влијанието на следниве три суштински фактори во дадениот временски момент:
Прво – Внатрешните карактеристики на државата (вид на внатрешно уредување и раководење, нивото на економска развиеност, одбранбените капацитети, организациските стандарди на државата).
Второ – Актуелното меѓународно системско или регионално и глобално влијание, односно актуелниот меѓународен контекст, геостратегија и геополитика.
Трето – Индивидуално ниво на влијание или личните карактеристики на лидерите кои управуваат со државата. (Токму на ова ниво на индивидуално влијание, двете соседни држави, Македонија и Грција, се навистина „благословени“ што во овој историски контекст имаат четири екстраординарни лидери во улоги на премиери и министри за надворешни работи).
Оттаму, секоја и малку посериозна анализа на наведените комплексни фактори на влијание, а во конкретниов контекст на оценување на квалитетот и содржината на постигнатата и потпишаната меѓународна спогодба – „Договор“ помеѓу двата соседи – Македонија и Грција, за мене неизбежно води кон заклучокот дека е постигнат еден реално врамнотежен и оптимално корисен Договор и за двете страни, за регионот, за континентот Европа, па и за глобалната развојна политика во актуелниве моменти од 21-от век. Директното споредување на делови од дефинираните решенија во Договорот со решенија за кои некои сметаат дека веќе сме ги имале или, можеби, сме можеле да ги постигнеме пред 7, 17 или 27 години се, најблаго речено, несериозни или дилетантски. Креативноста и дипломатската „уметност на реално можното“ во понудените формулации реално решаваат проблематични прашања за кои „до вчера“ сите сметавме дека се практично нерешливи. Верувам дека овој Договор претставува пример што поставува сосема нови, највисоки стандарди за дипломатските вештини неопходни во комплексниот процес на меѓународни преговори („The Art of Negotiations“).
Сите знаеме дека долготрајниот процес на разговори/преговори се водеше под целосно покровителство на ООН, па и се финализираше со нивна „заверка“ на Договорот, со потпис на овластениот медијатор, амбасадорот Метју Нимиц, како и со јасната поддршка лично од Лидерот бр. 1 на најавторитетната глобална организација – генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш. Но, ова очигледно не значи ништо за некои пратеници кај нас кои индиректно го обвинија највисокото раководство на ООН за соучесништво во смислен притисок на „обљуба врз немоќно лице“ (мислејќи на Македонија!?), токму со нивното активно учество во создавањето и продуцирањето на ваквиот Договор… ги обвинија дека Договорот е во спротивност со Повелбата на ООН кршејќи го правото на самоопределување и сувереност преку мешање во внатрешните работи на нашата држава. Алоо! Свесни ли сте дека ваквите трагикомични обвинувања ја претставуваат ООН како некакво „глобално завереничко здружение“ (!?) кое, еве, поддржува дури и ваква меѓународна Спогодба што е во суштинска спротивност со нивниот сопствен устав, односно Универзалната декларација за човекови права (усвоена од Генералното собрание во декември 1948)?
Искрено, немам намера да спорам со неприкосновеното право на нивни лични ставови, но сепак ќе препорачам кога ќе споделуваат јавно свои мислења поврзани со класичното значење на поимот „суверенитет на државите“ и со начелото за немешање во „внатрешните работи“, сепак да проучат нешто повеќе за значењето и примената на термините „pooled sovereignty“ или „shared sovereignty“…
Содржината и суштинското значење на овој „Договор“ ги поздравија и поддржаа сите релевантни демократски држави од Европа и светот, комплетното лидерство на меѓународните организации (НАТО и Европската Унија), како и меѓународната експертска јавност. Сите тие нè охрабруваат да продолжиме по овој пат и, со нивна помош, да ги реализираме предвидените фази. Но, за дел од нашето политичко лидерство тоа како да не значи ништо. Тие како да се слепи и глуви при очи и уши. Тие селектирано ги регистрираат и ги коментираат само формулациите кои го подгреваат скептицизмот, параноичните стравови и вековните фрустрации кои, несомнено, сè уште постојат кај некои од нас.
Искрено ги прашувам: Всушност, од чија страна сте вие и за кого, бре, навивате!?
Во актуелниве моменти, продолжување со изјавите од типот дека „јас сум за НАТО и ЕУ, ама сум ПРОТИВ овој Договор“, претставува моронизам par excellence!
И, за крај, за да бидам целосно јасен: Сметам дека ратификацијата и целосната примена на овој Договор е уникатна, „оnce in a LIFETIME“ можност за иднината на нашата држава!
Автор: Д-р Живко Груевски