Патот кон амбисот е широк и светол

За првпат, по многу долго време, мораме да сфатиме колку е голема и важна улогата на секој од нас што сакаме да одиме по трнливиот пат кон иднината и прогресот. На тој пат мораме да бидеме искрени и секој ден да му задаваме удари на злото, да не попуштаме пред деструкцијата, да не ги прифаќаме корупцијата и неспособноста. Обратно од тоа е пат кон амбисот. 

1835

Погледнете, државата ни е депонија од отпад и упропастени човечки души. Сѐ уште во лавиринтот меѓу неодамнешното минато и спасот, прогресот и иднината. Сѐ уште меѓу чеканот и наковалната. Остатокот од оваа, а потоа и годината пред нас, ќе бидат ужасно тешки за сите. Секој што има надеж дека ќе биде полесно од тоа што мисли, нека ја напушти таа надеж и нека се подготви за тешки искушенија и многу работа. Наградата нема да изостане, но прво мора да се запне од петни жили. Допрва ќе ги гледаме последиците од режимот на кој е невозможно да му се зададе конечен удар (погледнете го распоредот во Собранието), ќе ги почувствуваме сите слабости на политичкиот систем, на политичарите и на македонското општество во целост.

Одењето напред во оваа и со оваа земја се покажа и докажа дека е извонредно тешко. Враќањето назад е многу лесно и брзо. Одењето напред е тежок пат кој бара многу работа, како што би рекла и нашата голема пријателка, канцеларката Ангела Меркел. Враќањето наназад е широка и светла автострада, но на крајот е амбис во кој, ако пропаднеме сега, враќањето ќе биде тешко, ако не и невозможно. За ова знам дека сум во право, а знам и дека сите што нѐ повикуваат да стапнеме на тој пат наназад, добро знаат каде води, но тоа им е единствената можност, спас. Да ги упропастат македонските перспективи, за да ги заштитат сопствените, лични перспективи, богатства и моќ. Ништо поедноставно од тоа.

Погледнете. На секој чекор сиромаштија, слепило, страв и поделби. Во периодот по Втората светска војна, Сталин инвестираше огромни ресурси, за да го спречи развојот на општествата во Источна Европа, за да владее неприкосновено на својата страна на Железната завеса. Со истите алатки се служат и сега сите што, прво сакаат да се спасат од правдата, а потоа и да го вратат владеењето на криминалот и насилството.

Патувајќи низ Македонија, ќе видите заостаната земја. Во секоја смисла заостаната. Ќе видите села, гратчиња, цели квартови и населби во кои владее зачмаеност и тегобност, се негува омраза кон сѐ што е ново и прогресивно, а најмногу од сѐ, владее страв од сѐ што не е во познатата анамнеза на злосторниците и криминалците околу Грујо. Не велам ВМРО-ДПМНЕ, таа партија одамна е киднапирана, велам злосторничката банда што прво ја зароби партијата, а потоа и целата држава.

Ги гледаме… Силни и се и сеприсутни. Тие се и во опозицијата и во власта и во администрацијата, во бизнисот, меѓу наставниците, лекарите, полицајците, тезгаџиите на пазарите, „независните“ интелектуалци… И во умовите на кој знае колкав дел од СДСМ-овците, како вирус.

И сите заедно чекаа чуда, а во меѓувреме, го нарекуваат лошо владеење и тоа што тоа навистина е и тоа што не е корупција. Со други зборови, сите по малку тажат по „комодитетот“ што им го овозможуваше изопачениот систем на режимот. И едните и другите и третите, на сите им недостига корупцијата, сета леснотија што ја обезбедуваше апсолутниот партиски суд по кратка постапка. Гротескно и контрадикторно, но на моменти се чини дека Зоран Заев е главниот виновник и за чудата што ни се случуваат и за тие што не беше можно да се случат, а највиновен е затоа што не стана најмалку исто толку лош како Груевски. Заев им е крив на сите. И на тие што не се веќе на власт и на тие што добија позиции во власта. Бидејќи сакаат уште!

Во таа битка, колку и да не сакаме да го признаеме тоа, обичните смртници, граѓанките и граѓаните, сите ние сме во средината, фатени во вкрстениот оган меѓу минатото и иднината. И сето ова време сме фатени во битката со злото што го посеа тандемот Груевски – Ахмети и сите нивни разбојници, чии лица сѐ уште се на македонското политичко небо. Во таа битка немаме сојузници освен ние самите, нашата решителност да бараме правда и еднаквост. Не може сојузник да ни биде насилничката клика на почесниот претседател на партијата што ја зароби државата, не може да ни бидат сојузници пионите на руската пропаганда… Добро знаете за што зборувам.

За првпат, по многу долго време, мораме да сфатиме колку е голема и важна улогата на секој од нас што сакаме да одиме по трнливиот пат кон иднината и прогресот. На тој пат мораме да бидеме искрени и секој ден да му задаваме удари на злото, да не попуштаме пред деструкцијата, да не ги прифаќаме корупцијата и неспособноста. Обратно од тоа е пат кон амбисот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...