Патот до Брисел

За оние кои се чудат зошто и како е можно госпоѓа Перса да биде поактуелна тема во медиумите отколку нашето историско присуство на НАТО самитот во Лондон...

5067

Кој го остава речиси половина главен град по неколку пати дневно без струја, зошто повторно има високо загадување на воздухот, може ли да има член 11а без член 11, асфалтирана е или не улицата кај госпоѓа Перса, предизборни или редовни вработувања во администрацијата… овие и уште многу вакви теми и дилеми ја окупираат јавноста изминатите неколку дена.

Помеѓу сето ова се случува и, за нас, историскиот самит на НАТО во Лондон, каде конечно седнуваме на иста маса со нашите партнери од Алијансата. За прв пат се вее македонското знаме, се остваруваат важни средби на високо и рамноправно ниво. Тема сме. И тоа важна тема во светот. Наместо да ни ја кројат судбината, ние седиме рамо до рамо со светските сили и разговараме за решавањето на светските предизвици. Децениската заложба на многу генерации за безбедна земја, во друштво со светските играчи, конечно се остварува.

Но, многумина со кои деновиве разговарам се прашуваат како е можно темата за НАТО да биде во сенка на овие други теми. Дали е тоа нечија стратегија, намера или нешто трето.

Наместо одговор, јас им раскажувам една моја случка од пред 2 дена. За прв пат во животот колата ми ја крена „пајак“ службата. Причина наведена во белешката: паркирање на коловоз. Во ред, одам и си ги плаќам парите како казна за мојата несовесност бидејќи друга алтернатива немам. На крајот на процедурата пред да си ја подигнам колата, ги прашувам надлежните како да постапам во иднина. Поточно каде смеам, а каде не е дозволено да паркираме на таа споредна улица. Тие прописно ми објаснуваат дека е дозволено да се паркира меѓу обележаните бели линии за паркинг, а никако на друго место или на пешачките премини. Велам дека ги разбирам, но прашањето ми е каде да се паркирам кога бојата е избледена и со години секој паркира кај ќе стигне. Нивниот одговор беше логичен и очекуван: за тоа ќе мора да се обратите во општината. И во право се луѓето, бидејќи други се надлежни за бележење, додека тие се задолжени за отстранување на непрописно паркирани возила.

И сега се враќам на темата. Поаѓајќи оттука, дали револтот на госпоѓата Перса е искрен или поттикнат од политички интерес станува помалку важно за граѓаните. Реалноста денес е дека секој човек се соочува со проблем а ла баба Перса. Дали сме од СДСМ, ВМРО, ДУИ или од ниедна партија, сите се занимаваме со банални процедури, глупости и проблеми кои произлегуваат од отсуството на систем на секое ниво на управување. Или да го цитирам претседателот Пендаровски: „мораш да имаш некого… ако сакаш да завршиш банална комунална услуга или да го запишеш детето во училиште…“. Болно, но вистинито и во срж погодено.

Најпоразително од сè е што проблемот со отсуство на систем за добро управување нема да се реши со смена или задржување на една власт. Единствено ќе се променат работите ако се воведе систем кој ќе важи за сите, без исклучок. А, ако партиите не можат да седнат и заедно да го создадат таквиот долгорочен поредок, нема да има спас за нашата земја, па макар уште утре увезле власт или администрација од било која развиена земја.

Животот е, вели една поговорка, она што се случува додека жалиме за она што останало во минатото и упорно планираме како да ја промениме иднината. Затоа е многу важно, секој од нас, без исклучок да си ја заврши работата во својот двор, ако не пред, барем во исто време додека бере гајле за она што се случува во туѓите дворови. Особено е ова важно за политичарите. Сите тие знаат што не чини кај противникот, ама тешко ги согледуваат своите маани и слабости.

Се присетив повторно на една мисла од пред повеќе од 15 години која тогаш гласеше вака: Патот до Брисел води преку Вашингтон.

Тогаш како студент ми требаше малку помош во толкувањето и сфаќањето на изреката. Но, оттогаш, нема поминато речиси ниедна година без да ја споменам оваа изјава. Колку и да звучи парадоксално во патувачка или дестинациска смисла, сепак светската општествена логика и нам ни покажа дека патот до стратешките цели на една мала земја водат преку изборот на стратешки партнери кои можат да им помогнат и да ги поддржат во постигнувањето на нивните национални интереси.

Ако денес ја прошириме оваа изјава и ја ставиме во комуникациски контекст на 2020 година, толкувањето би било дека нашето членство во Европската Унија ќе биде поплочено со многу неопходни реформи и прилагодувања на европските вредности и сфаќања.

И тука повторно ќе се соочиме со политичките партии кои мора да созреат и синхронизирано на граѓаните да им укажуваат дека реформите се наш, домашен интерес и потреба, а не желба на Макрон или Меркел. Дали ќе владее демократија, пазарна економија, човекови права и инклузивност е интерес на секој наш граѓанин. Дури потоа интерес на Унијата. Оти ЕУ може без нас, ама ние не можеме да функционираме без владеење на правото или применливи закони од интерес на секој граѓанин.

Најопортуно е кога си опозиција да критикуваш и викаш дека ништо не чини. Исто како што е најлесно кога си власт да го ставиш европското знаменце на некој закон или да кажеш дека не е до тебе, туку дека Европа бара или не ти дава нешто да направиш.

Мислам дека конечно треба да престанеме да прифаќаме дека е нормално кога е предизборие да се случуваат големи судири и екстремна поларизација помеѓу граѓаните. Сепак, избори има секаде во светот. И секогаш еден дел од политичките партии победува и прави влада, а друг дел останува во опозиција.

Ако сакаме да стигнеме во Брисел и да го достигнеме високиот стандард и квалитет на живот, ќе мора да почнеме од дома, во својот двор. А, имаме доста за средување во него. И веќе доцниме.

(Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...