Во последно време патував со Дурмо Турс, се беше нормално додека не се случи несреќата, почна да раскажува Љулзим Далипи, еден од седумината патници кои денеска дојдоа во Основниот кривичен суд да сведочат за кобната несреќата кај Ласкарци на 13 февруари годинава во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени.
– Во автобусот се качив на автобуската станица во Скопје во 16 часот и тргнавме кон Гостивар. Седнав во првиот ред седишта од десната страна. Имав поглед и кон возачот и кон патот напред. До мене седеше еден од сега починатите. Автобусот беше полн на излез од Скопје, имаше и кондуктер, но тој се симна од автобусот во Ѓорче Петров. Возењето течеше најнормално до патарината кај село Глумово – раскажуваше Далипи седнат во првиот ред во судницата.
Пред кобниот момент кај Ласкарци, рече тој, одлучил да одмори и ги затворил очите. Но, одморот траел само неколку минути.
– После патарината во Глумово ги затворив очите за да одморам. Поминаа неколку минути и имаше некое нагло свртување. Тогаш ги отворив очите и видов дека нешто не е во ред и се фатив за едно столбче кај првото седиште за да се задржам. Автобусот веќе беше свртен косо кон левата страна и удри во првата банкина. Не забележав дали има некаква препрека на патот зошто автобусот веќе беше свртен, гледав само банкини. Имаше паника, викање, тоа беа моменти – сведочеше патникот во полната судница каде некои од членовите на семејствата на загинатите слушајки го не можеа да ги задржат солзите.
Далипи зборуваше и за однесувањето на возачот. Тој рече дека не може да тврди, но колку што се сеќава возачот дента додека возел до Глумово неколку пати разговарал на телефон.
Возачот, рече, седел исправено и правилно и цврсто го држел воланот, но не приметил кочење.
– Автобусот удри во првата заштитна ограда и продолжи кон втората банкина која е на автопатот од спротивната лента на таа што е од Тетово кон Скопје. Се додека автобусот не удри во последната заштитна ограда автобусот се движеше во ист правец во косина. Цело време додека се кршеа заштитните огради не видов дека има кочење – рече сведокот.
Потоа, продолжи тој, не памтам ништо бидејќи изгубив свест.
– Кога се освестив барав помош, бев легнат на грб не гледав ни лево ни десно, само викав за помош. Неколку минути покасно дојде еден дечко од село Бојане да ми погоне, ме измија – се присети патникот.
Тој на крајот на неговото сведочење ги наброја низата повреди кои ги добил од несреќата, а рече и дека ќе бара отштета во граѓанска постапка, додека за кривичниот прогон рече дека не се приклучува и за тоа да одлучи судот.
Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI