Да се шетате низ „Стадиум Гудс“ продавницата на 300 метри квадратни во Њујорк значи да се соочите со редови беспрекорни спортски обувки. Погледнете повнимателно и цената ќе ве шокира, пишува Њујорк Тајмс.
На пример, пар бели „Најк Џордан 1“ патики на модниот дизајнер Вирџил Аблох (Off White, Louis Vuitton) кои оригинално чинеа 190 долари, сега се продаваат за 2.750. Покрај нив е редок пар „ PW Human Race NMD TR“ кои ги дизајнирал музичарот Фарел Вилијамс. Цена: 12.350 долари.
Пазарот на дизајнерски патики деновиве е сериозна работа а „Стадиум Гудс“, кој препродава ретки или ограничени изданија, стана „Тифани“ за љубителите на патики.
Фанатични љубители на патики постојат со децении, а купувањето и размената претежно се одвиваа на иБеј или со лични трансакции. Дури во последните неколку години овој пазар процветал. Џон Мекфитерс, кој со Џед Стилер го почна „Стадиум Гудс“, вели дека промената ја поттикнале „луѓе кои сега од детство учат како да ја третираат модата како спорт – на начин на кој жените секогаш ја третирале модата“.
Поентата не е употребната вредност туку изразување на идентитетот.
– Патиките за мажите кои се опседнати со шопинг се најфлексибилен и најприфатлив начин да ја изразат личноста – вели Мекфитерс.
Во јануари 2017 „Стадиум Гудс“ доби 4,6 милиони долари финансирање од „Форранер Вентурес“ (кои меѓу другите ги поддржуваат Варби Паркер и Бонобос) и Чернин групата.
Претходно годинава, европската луксузна група ЛВМГ (Луј Витон, Диор, Живанши) учествувала како малцински партнер со непознат износ. А на 2 мај „Стадиум Гудс“ најави договор за дистрибуција со луксузниот е-продавач Фарфеч. „Стадиум Гудс“ и понатаму ќе ја продава својата стока преку иБеј, Амазон и Алибаба, меѓу другите.
Се на се, компанијата минатата година заработи сто милиони долари.
„Стадиум Гудс“ не е единствен играч во ова поле.
ГОАТ (спортски акроним од: Greatest of All Time) заработи 97,6 милиони долари и Еди Лу, основачот, вели дека целта им била да „изградат нешто што го решава се поголемиот проблем на копиите“.
СтокИкс (StockX) е модел на продажба изграден на концепт дека цените на бараните предмети варираат како на берза и е направен за ентузијасти кои на патиките гледаат како на инвестиција.
– Ние сме еволуција на иБеј, рече основачот на СтокИкс, Џош Лубер. Тој додаде дека СтокИкс сега носи околу два милиони долари дневно со продажба на стока.
Како и на берзата, цените се менуваат во реално време (ГОАТ/Флајт Клуб и Стадиум Гудс нудат фиксни цени). Постои и можност за „ИПО патики“, вели Лубер и како пример ја наведува лимитираната препродажба на нови Најк патики на Леброн Џејмс која СтокИкс ја организираше минатиот јануари. Со само 46 чифта во продажба (23 на Леброн 14 и 23 во стилот на патиките кои Џејмс ги носел како почетник), лицитирањето траело три дена, а сите патики се продадени по просечна цена од околу 6.000 долари.
– После тоа, им дозволивме на седуммина купувачи да ги препродадт а да не го ни допреле производот, рече Лубер. Тоа е вистински трговски ден.
Љубителите на патики следат што носат познатите, вели Џо Ла Пума, експерт за маркетинг који на Јутјуб води „Сникер Шопинг“.
– Особено, во своите кругови, влијателни се Кање Вест, Тревис Скот, АСАП Роки, Вирџил Аблох и Џаред Лето, рече тој.
– Не почнува секоја патика специјално. Постои шанса дека некој од овие познати ќе ги носи и тогаш може да стане суперкул.