Пасошот на владиката Јован му е одземен без судски налог!

Доколку е точен податокот дека архиепископот Јован одлежал подолго време во затвор отколку што бил осуден, а со самото тоа не му останал ниту еден ден за дослужување на казната, тогаш МВР нема никаква причина за одземање на неговиот пасош, особено ако тоа го сторило без судски налог, објаснуваат правниците.

553

Судот никогаш не донел решение за одземање на пасошот на поглаварот на Православната охридска архиепископија (ПОА), г.г. Јован, туку Министерството за внатрешни работи на своја рака и без судски налог, како и без никакво претходно објаснување, му го запленило пасошот и му забранило да ја напушти земјава. Оваа информација ја потврди и самиот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, кој во писмото испратено до г.г. Јован објаснува дека судот никогаш не издал таква наредба.

Уште една потврда дека не постои никаква причина за одземање на пасошот, тврди архиепископот, претставува и фактот дека во неговата пресуда било наведено дека е осуден на вкупно 13 месеци затвор, но тој вели дека таму останал заклучен десетина дена подолго од предвиденото. Токму затоа, порачува архиепископот, паѓаат во вода сите тврдења дека пасошот е запленет заради дослужување на казната. Правните експерти, пак, коментираат дека МВР нема никакви елементи за одземање на пасошот на архиепископот, а кога веќе го одзело, велат правниците, тогаш мора јавно да ја соопшти причината за таквиот потег.

Институционален терор

Владиката Јован вели дека правна несигурност во земјава врши токму таа институција што треба да се грижи за спроведување на правната сигурност, а како што посочува, тоа е Министерството за внатрешни работи. Појаснува дека не постои никаква правна причина за да му се одземе пасошот, оти како што вели, сметајќи го времето поминато во притвор, тој одлежал дури десетина дена повеќе од предвидените 13 месеци што се уредно наведени во пресудата.

– Најчеста претстава, барем кај мнозинството во нашата татковина, е дека терористи се само оние што ќе извршат ликвидација над недолжни граѓани. Меѓутоа, терористи се и оние што сеат терор, односно страв кај населението. Себеси се прашувам, дали во нашата татковина тоа се прави на институционално ниво? Правна несигурност врши токму таа институција што треба да се грижи за правната сигурност, а тоа е полицијата. Очигледно е дека е направена грешка од некого во МВР, но еден месец и половина оттаму немаат доблест да ја исправат грешката. По сите дописи што ги направив до началникот на битолската полиција и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кому му беше предочено дека случајот ќе биде претставен пред Европската комисија за превенција од тортура, нехуман или деградирачки третман или казнување, како и пред Комисијата за човекови права при Советот на Европа, сепак никаков одговор не добив. Навистина е несфатливо зошто никој од МВР не сака да ми одговори на поставените прашања. Зошто постои тоа министерство, за да им служи на граѓаните или само да демонстрира сила врз нас? – прашува г.г. Јован.

Никој не издал решение

Неколку денови по одземањето на патната исправа на граничниот премин „Меџитлија“, архиепископот Јован испратил претставка до Основниот суд Скопје 1, преку која побарал да му се објасни причината за издавање на судскиот налог за одземање на пасошот. Интересно е тоа што во повратниот одговор потпишан лично од претседателот на судот, Иван Џолев, наведено е дека Основниот суд Скопје 1 никогаш не донел решение за одземање на пасошот и никогаш не издал судски налог за такво нешто.

„Од страна на Основниот суд Скопје 1 не е донесено решение за одземање на патната исправа, туку судот доставил само известување до Одделението за внатрешни работи и до Одделението за патни исправи – Битола дека со пресудата од 28 февруари 2017 година сте осудени на казна затвор во траење од една година и еден месец“, наведено е во документот потпишан од претседателот на судот Иван Џолев и испратен до архиепископот Јован.

Одговор на неколку прашања побаравме и од Министерството за внатрешни работи, но оттаму не успеаја да ни ги достават одговорите до затворањето на весникот. Како што истакнаа оттаму, потребно ќе биде подолго време за да се соберат сите информации за овој случај, како и да се сумираат сите претставки, жалби и писма што досега ги пратил архиепископот Јован на нивната адреса.

Судскиот налог е неопходен

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, објаснува дека во случајот со одземањето на пасошот на Вранишковски, МВР е должно да ја извести јавноста за причината и дека не може тукутака да дели правда без претходно да приложи судски налог.

– Секогаш треба да се штитат човековите права, но исто така и државата треба секогаш да ги штити своите интереси. Но, доколку е точен податокот дека Јован Вранишковски одлежал подолго време во затвор отколку што бил осуден, а со самото тоа не му останал ниту еден ден за дослужување на казната, тогаш мислам дека МВР нема никакви елементи за одземање на неговиот пасош. Исто така, кога веќе МВР му го одзема пасошот, тогаш мора јавно да ја соопшти причината за тој потег. Живееме во едно демократско општество кое цели кон европските принципи и кон принципите за вредностите на човековите права, па затоа мислам дека МВР како извршен орган не смее да одзема патни исправи без судски налог. Ако тој орган, пак, смета дека лицето може да го повтори делото за кое било осудено и токму затоа треба да му се одземе пасошот како мерка на претпазливост, тогаш тие сомнежи мора да ги сподели со јавноста и не смее да молчи – објаснува Ивановски.

Тој вели дека осудените лица понекогаш можат да имаат правни последици од казната, но тие правни последици, посочува тој, како што е одземање на пасошот и забрана за напуштање на земјата, мора да бидат наведени во пресудата. Сепак, во пресудата на г.г. Јован не постои такво нешто.

Мартин Богатиноски, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...