Не сакаме зеленило, сакаме станови за децата.
Не ме интересира дали овие луѓе биле донесени партиски да застапуваат ваков став, или тоа е нивно лично мислење.
И ќе ви кажам зошто.
Во време кога нашите млади гласаат со нозе, односно си одат во се поголем број од државата, мене ми е ужасно да видам постари господa, сите убаво градски дотерани, кои најверојатно се знаат меѓу себе – сепак се од исто маало – како глумат грижа за помладите преку обезбедувањето станови за нив.
Овие господа што ова го изустиле во хор, тие се партија сама по себе, микро партија од оние најлошите: кратоковидни, себични, умислени дека светот завршува со нив.
И знаете зошто мислам дека лажат?! Имаше едно истражување, каде постарите, пензионерите, беа запрашани дали би се откажале од некои социјални бенефиции за да има повеќе за младите. Одговорот на преку 70 проценти им беше – не!
И немам намера да го терам ова на генерациска логика и судир, но само се наметна.
Абе борбата за тој дел од градот, ако некој се сеќава, беше низ избори и на улици, со клоци и шамари, луѓе потрошија многу од својата енергија и животи, и кога дојдоа избори, огромен дел и млади гласаа прв пат. Што ќе рече, нашата борба за Градот и за неговата душа, беше прашање на ентузијазам, на лична инволвираност, на разбудена свест, на вистинска демократска анксиозност.
И каде заврши сето тоа само неколку години подоцна?
Во станови, во нова алчност и себичност.
И би сакал да верувам дека партијата на власт, или со најмногу советници, се бори и против овие мали граѓански партии со застарени разбирања. Зашто, ниту меѓу луѓето, ниту меѓу партиите, староста не е главната карактеристика и линија на поделба. Стар е само цинизмот, на било која возраст.
Млада е политичката страст, која бара промени и подобро, па макар биле и официјални партиски функционери.
Ќе биде трагично ако ставовите на оваа мала граѓанска партија и тие на партијата на власт се поклопат.
Тогаш ќе знаеме дека сите се циници.
(ФБ статус на авторот)