Партиски кујни и центри на политичка моќ креираат лажни вести

За новинарот Бранко Геровски, новинарските здруженија не прават доволно за справувањето со овој феномен, кај нив во моментов не постои минимум желба за каква било регулација.

123

Лажните вести се опасен политички феномен, кој може да влијае на претстојниот изборен процес. Тие се резултат на сериозни политички кујни, зад нив стојат ресурси инвестиции, кадар кој ги произведува.

Ова го посочи денеска новинарот Сашо Ордановски на панел дискусија на тема „Сите тајни зад лажните вести“, организирана од универзитетот „Американ Колеџ“.

За дефиницијата на лажните вести, како да се справиме со нив како новинари, како да се заштити јавноста од сервирањето лажни вести на сите интернет платформи, но и на меин стрим медиумите, за улогата на универзитетите во проблемите со пласирањето дезинформации, како системски да се справиме со сето ова дискутираа учесниците на денешниот панел, при што заклучија дека голема е одговорноста на новинарите во справувањето со овој феномен.

– Сметам дека и некои од нашите политички актери, ако не и сите имаат одредена да кажам инфраструктура која се труди преку социјалните платформи да упаѓа во редовните агенди, ширејќи лаги, полувистини. Кај лажните вести најголемата опасност се полувистините, таму каде што не можете да препознаете до каде е лагата, до каде вистината – посочи Ордановски.

Тој истакна дека лажните вести се дел од политичко-пропагандната индустрија, која се труди на направи штета во демократијата, бидејќи нејзините застапници сметаат дека демократијата треба да биде менаџирана – луѓето не можат да се снајдат со слободата што ја уживаат.

– Лажните вести се политички продукт на пропаганди индустрии и имаат цел ширење на различни хистерии – рече Ордановски и додаде дека за жал се уште нема успешен лек против овој феномен, нагласувајќи оти е потребна континуирана професионализација на новинарството.

Новинарката Снежана Лупевска Созен нагласи дека традиционалните медиуми некако се повеќе регулирани во делот на избегнување на емитување и создавање лажни вести.

-За жал немањето законска регулатива за интернет просторот, порталите и социјалните мрежи доведе до тоа да имаме илјадници лажни вести на Интернет.  Според мене мошне битна е регулацијата и саморегулацијата за да може да се спречи продукцијата на лажни вести, но мора да бидеме и самокритични. Лажните вести некогаш се прават и поради недостиг на професионализам од страна на самите новинари, рече таа.

За новинарот Бранко Геровски, новинарските здруженија не прават доволно за справувањето со овој феномен, кај нив во моментов не постои минимум желба за каква било регулација.

Тој нагласи дека за вакви конференции како денешната се фрлаат многу пари, наместо да се вложат во едукација, односно во зајакнување на студиите по новинарство или отворање на некаков заеднички центар за проверка на факти на новинарските здруженија.

Новинарот Горан Михајловски истакна дека проблем е саморегулирањето.

На дебата учествуваше и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, кој посочи дека лекот за лажните вести е отвореноста и транспарентноста на институциите. Тој истакна дека не може да прејудицира дали во кампањата за претстојните претседателски избори ќе има многу лажни вести, но важно е дека мнозинството медиуми во земјава се однесуваат одговорно и транспарентно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...