Партиските султани не носат ни демократија ни стабилност – време е за изборна реформа!

Таа блесава теза, дека Македонија, наместо да стане демократија во вистинска смисла на зборот, уште некое време мора да си остане „стабилократија“, отсекогаш ми била најомразената. Овој сегашен парламент, како и претходните, може да обезбеди двотретинско мнозинство само со притисоци и со уцени. Потребна ни е изборна реформа што ќе обезбеди поголема и „поколоритна“ претставеност на разните социјални и политички групи во парламентот, како и избор на многу повисок квалитет на луѓето избрани од народот да одлучуваат за државните работи.

4844

Речиси и да не постои земја на планетава без различни етнички групи, без различни религии, без „домородни“ и имигранти, без „домаќини“ и „гости“, без развиени и неразвиени региони, без сиромашни и богати луѓе, без леви и десни, без разумни и екстремни, со еден збор – без разлики од најразличен вид. Разликите природно произведуваат судири на интересите на социјалните и на политичките групи. Затоа, всушност, нема општество без конфликти.

Смислата на организирањето на општеството воопшто, а посебно смислата на изградбата на демократски институции, процедури и практики, е интересите да се судираат легално и легитимно, во институциите и во процес на демократско одлучување. Тоа, се разбира, не значи дека разликите и конфликтите исчезнуваат, но се редуцираат до степен на општествена прифатливост. Едно цивилизирано, организирано, политичко општество, може да успее да го спречи нивното излевање надвор од „меандрите“ на институциите, на улица, во форма на омраза, нагласена агресија, граѓански судири, понекогаш дури и војни.

Нашиот парламентот е обична гласачка машина

Македонија, за жал, има такви непријатни и тажни искуства. Посматрајќи ја нашата понова историја, од почетоците на независноста до денес, би можело да се утврди дека ние бевме и сѐ уште сме едно прилично хаотично, дезорганизирано и претполитичко општество, со недоволно развиени демократски институции и практики. Да биде несреќата поголема, спецификите на оваа земја, имено високиот степен на конфликтноста на интересите и присутните тензии, наложуваат најважните одлуки, за да бидат одржливи, да се усвојуваат со висок степен на согласност на различните социјални и политички групи, а понекогаш и со консензус на најважните одлучувачки фактори. Што е ѓаволски тешко, се разбира.

Македонскиот парламент, после почетниот период на конституирање и функционирање во манирот на еден веќе подзаборавен држатвотворен ентузијазам, а после долгите години на „дезинституционализирање“ (под ударите на бипартизмот и на автократските тенденции), објективно нема капацитет да биде клучната институција во која ќе се претставуваат, ќе се артикулираат и легитимно ќе се судираат различните интереси, а потоа низ демократски процедури ќе се разрешуваат општествените конфликти.

Сетете се, најважните, за Македонија историски и судбински одлуки, се донесени од страна на политичките лидери-султани, на вонинституционален и недемократски начин, најчесто со посредување и со огромни притисоци, па и со пресудна улога на странскиот фактор. Парламентот беше и сѐ уште е само обична гласачка машина, која можеше и може, со силен притисок, да се принуди да ги аминува одлуките донесени на таков начин.

Внимавајте, јас не велам дека таквите одлуки (како Охридкиот или Преспанскиот договор, на пример) се погрешни и погубни за иднината на Македонија. Не, дури и напротив, ги поддржувам тие договори! Но, факт е дека одлуките за нив се донесени на начин кој целосно ги маргинализира легитимните политички институции (пред сѐ парламентот). Свежи ни се сеќавањата на кој начин беше обезбедено двотретинското мнозинство за уставните промени со кои парламентот го легализираше Преспанскиот договор. За таа приказна, еден ден, можеби и многу скоро, ќе се пишуваат студии или мемоари…

„Стабилократија“ или демократија?

Можеби донесувањето на најважните одлуки на таков начин – значи, во една прилично недемократска, а понекогаш и груба политичка игра помеѓу странскиот фактор, локалните дипломати и нашите партиски султани – е попрактично и поедноставно решение за проблемите, одошто бескрајните расправи во еден ваков парламент. Парламент со недоволна претставеност на различните политички интереси, буквално пополнет со партиски некапацитетни послушници, луѓе со недоволна политичка култура за демократска дебата (резултат на отсуството на било каков демократски партиски живот во нашите султан-партии). Тие расправи не можат да произведат ефикасна и квалитетна одлука, тоа е јасно. Но, од друга страна, „дезинституционализирањето“ на парламентот произведува и видливи авторитарни тенденции во општеството, кои законито се придружени со корупција, непотизам, рекет, криминал и други социопатолошки појави.

На странците, а и на партските султани, тоа не им е важно. Во многу прилики сум полемизирал со странски дипломати, кои секогаш ме убедувале дека за нас е најважно да ја одржиме внатрешната стабилност, дури и по цена да мора да се поднесе авторитаризмот како нужно зло. Таа блесава теза, дека Македонија, наместо да стане демократија во вистинска смисла на зборот, уште некое време мора да си остане „стабилократија“, отсекогаш ми била најомразената. Моето омилено трик-прашање, со кое одговарам на апологијата на „стабилократијата“, е следново: „А знаете ли вие каде во Македонија, во Скопје, е најстабилно, каде нема никакви конфликти и судири?“ Странците на прашањето обично одговараат со кревање на рамениците, а јас им велам: „Во Бутел“. И додека тие ме гледаат збунето (не знаат луѓето што е тоа Бутел), јас им објаснувам дека станува збор за градските гробишта, каде што владее совршен мир, каде што нема конфликти и каде што сѐ е стабилно што постабилно не може да биде.

Мислам дека сега, кога Македонија ја надмина меѓународната изoлација, крајно време е да се потрудиме да ги обновиме демократските институции и практики во земјата. Или да ги изградиме од нула, таму каде што е неопходен таков потфат. Се покажа дека бипартизмот веќе не може да произведе демократија, ниту пак да создава одлучувачко тело со достаточно репрезентатитвен капацитет што ќе му обезбеди моќ и легитимитет да одлучува со висок степен на согласност. Овој сегашен парламент (како и претходните), може да обезбеди двотретинско мнозинство само со притисоци и со уцени. Со овој сегашен изборен модел и со постоечкиот распоред на политичките сили, кој нема да биде поинаков ако не се смени изборниот модел, ние, едноставно, нема да можеме да добиеме поинаков парламент.

Неопходна е промена на изборниот модел

Затоа, добро е што шефот на државата Стево Пендаровски ја актуелизираше иницијативата за една сериозна изборна реформа, што ќе подразбере и промена на изборниот модел. И јас сум пишувал дека ако се задржи пропорционалниот модел, потребно е или да се намали бројот на изборни единци, или целата земја да биде една изборна единица. И сум заговарал отворени изборни листи, за конечно да почнеме да избираме способни и посветени личности, а не партиски апаратчици. Дополнително, сметам дека е можно и практично да се намали вкупниот број на пратеници, да речеме на 80, па и на 60. Накусо, мојата теза е дека ни е потребна изборна реформа што ќе обезбеди поголема и „поколоритна“ претставеност на разните социјални и политички групи во парламентот, како и многу повисок квалитет на луѓето избрани од народот да одлучуваат за државните работи.

Да, тоа неминово ќе ја усложни политичката констелација, ќе им ги замрси конците на партиските султани, но според мене, пожелно е да се предизвика една таква, условно кажано, политичка нестабилност и бура. Форматот на компонирање на владејачкото мнозинство (владата) „победничката македонска партија плус победничката албанска партија плус нивните партии сателити“ е исцрпен. Тој одамна веќе не произведува демократско, квалитетно и ефикасно одлучување, со висок степен на политичка согласност. Оттаму, не гледам ништо лошо во тоа идните владејачки мнозинства да се создаваат од повеќе партии, во една малку покомплицирана политичка игра. Нема никаков зијан од тоа во парламентот да бидат застапени и подесните и полевите, и богатите и социјално маргинализираните, па ако сакате и екстремните, од едниот до другиот крај на политичкиот спектар. Погледнете, во цивиизирана Европа, нашиот иден дом, тоа е сосема нормална работа.

Пендаровски поттикнува дебата за изборна реформа. Тој предизвик треба да се прифати. И да се дебатира отворено. Сите модели имаат предности и слабости. Треба да се имаат предвид и спецификите на оваа земја, како и промените што се случија во последнава деценија, во земјата (демографски и секакви други), но и глобално (развојот на модерните технологии, на пример). Како и да е, ургирам дебатата да се води во насока да доведе до реформа која ќе означи дека оваа наша земја веќе престанува да биде „стабилократија“ или „млада демократија“, како што често нѐ нарекуваат, и е решена, како многу сериозен претендент за членство во елитното друштво на европските нации, конечно да матурира.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...