Најголемите парламентарни политички партии очекуваат на повикот за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) да се пријават квалитени кандидати, изборот да биде навреме и со консензусот што го постигнаа за преодно решение на ДИК да се овозможи функционалност на ова тело, кое покрај за избори е надлежно и за организирање реферндум и верификација на мандати.
– Очекувам и верувам дека процесот на избор на членови на ДИК ќе помине регуларно и во предвидениот законски рок и некаде до крајот на овој или евентуално почетокот на наредниот месец веќе ќе го имаме новиот состав на времената Државна изборна комисија – изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Со вчера објавениот повик, ДИК треба да добие нов состав со мандат од шест месеци до моментот додека се регулираат измените и дополнувањата на пакетот закони од изборното законодавство. Според сегашното законско решение, четворица членови ќе бидат од власта, тројца од опозицијата, од каде ќе биде и претседателот на ДИК.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека во моментнот не се знае кој ќе биде прв човек на Државната изборната комисија.
– Очекуваме дека ќе се пријават најдобрите кандидат и оти ќе имаме функционална Државна изборна комисија чие времетраење ќе биде шест месеци – изјави Данев.
Тунтев потенцираше дека станува збор за консензуален договор меѓу најголемите четири парламентарни партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА да се избере преодна Државна изборна комисија затоа што, како што дополни, таа е неопходна и за арно и за лошо и без нејзиното постоење некои процеси може да бидат и закочени.
– Тоа нема да го дозволиме, сите сме свесни и како парламентарно мнозинство и како опозиција иако се работи за преоден состав верувам дека луѓето што ќе конкурираат и кои ќе бидат дел од ова тело ќе бидат експерти во својата област, квалитетни и професионалци рече Тунтев.
ДИК, како што укажа, не е надлежна само за спроведување избори, туку, може да дојде во прашање и организација на референдум и верификација на мандати на нови пратеници, посочувајќи како пример дека сегашен пратеник на СДСМ не може да стапи на функција заменик министер поради нефункционирањето на ДИК.
– Тоа се сите прашања кои можат да закочат одредени процеси и заради тоа добро е што се најде ова преодно решение затоа што со консензус на сите, ДИК се избира со двотретинско мнозинство. Сигурен сум дека ќе биде со консензус и оти ДИК во наредните шест месеци како преодно решение ќе си ја изврши својата функција без оглед која активност согласно надлежностите ќе биде повикана да ја спроведе – посочи Тунтев.