Партиите или ќе се договорат до сабота или власта сама ќе ја избере ДИК

Извори од пратеничките групи, сепак, се оптимисти дека договор ќе биде постигнат и оти до сабота би можело да се изгласа договореното на лидерската средба вклучувајќи ја и ДИК. Во спротивно, од СДСМ и ДУИ нагласуваат дека останува отворена опцијата да го изгласаат составот на ДИК со 61 глас според преложените измени на Изборниот законик

891

Два дена по одржувањето на лидерската средба работните групи на парламентарните партии сѐ уште ги немаат отстрането несогласувањата што се појавија при примена на тоа што го договорија лидерите на средбата. Претставници на власта вчера порачаа дека нема да прифатат никакви ултиматуми и уцени од опозицијата, која пак тврди дека единствено за што се грижи се националните интереси на државата.

Координаторите на пратенички групи за МИА вчера потврдија дека бил усогласен Законот за Влада во делот на техничката влада и дека на него веќе има потписи од сите на пратенички групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ. Според извори во владејачките партии, проблем настанал кога требало да се имплементира договореното за финансирање на политичките партии и кога освен во Законот за финансирање на политичките партии, опозицијата побарала измена во членот 165 од Кривичниот законик.

Ние немаме мандат за менување на Кривичниот законик, рекоа од владејачките партии. Нагласија, исто така, дека премиерот Зоран Заев е дециден оти нема да дозволи никаква амнестија, ниту директна, ниту индиректна.

Заев, пак, на средба со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот истакна дека Република Македонија е многу блиску до реализацијата на стратешките цели – членството во ЕУ и НАТО, и оти нема да дозволат процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми.

– Остануваме посветени до крај да стигнеме до решенија кои ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја – истакна премиерот Зоран Заев.

Став за неприфаќање ултиматуми и уцени вчера искажа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој изјави дека сите реформи во Македонија, вклучувајќи ги и медиумските, се предмет на заложништво заради лични интереси на поединци со партиска позадина и заради барање за амнестија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на средбата со Рот истакнал дека партијата искрено се залага за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, но истовремено нагласил и дека „еднострано обврзувачкиот договор потпишан со Република Грција е штетен на интересите на Република Македонија и дека тој не може го поддржи“.

Извори од пратеничките групи, сепак, се оптимисти дека договор ќе биде постигнат и оти до сабота би можело да се изгласа договореното на лидерската средба вклучувајќи ја и ДИК.

Во спротивно, од СДСМ и ДУИ нагласуваат дека останува отворена опцијата да го изгласаат составот на ДИК со 61 глас според преложените измени на Изборниот законик, кои сѐ уште не се повлечени, односно без опозиција, опција која велат дека на ја посакуваат имајќи го предвид историскиот момент за Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...