Град Скопје ги информира граѓаните дека поради изведување градежни работи на дел од булеварот Партизански одреди, од денеска ќе се воведе привремен сообраќаен режим.
Целосно за сообраќај ќе биде затворен делот од булеварот од кружниот тек кај Порта Влае до крстосницата со улица Московска (кај ТЦ „Сити мол“), во правец на движење од Ѓорче Петров кон Центар. По трасата во спротивниот правец сообраќајот ќе се одвива непречено.
За време на привремениот режим, автобусите на ЈСП кои сообраќаа по овој дел од Партизански одреди, ќе се пренасочат преку улицата Адолф Циборовски и булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а ќе се вратат на нормалната траса преку улицата Московска.
Асфалтирањето се врши во рамки на проектот за реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот Партизански одреди, на потегот од крстосницата со булеварот 8. Септември до мостот Обединети нации, во должина од два километра.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолува сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.