Пародија на политиката, Амди Бајрам за претседател

2081

Според реакциите на социјалните мрежи, но и во разговор со луѓето, имам впечаток дека евентуалната кандидатура на Амди Бајрам за претседател на државата може да го има ефектот на Љубиша Прелетачевиќ Бели. За оние кои не знаат кој е Љубиша Прелетачевиќ Бели, нека ги проверат резултатите на изборите за претседател во Србија од 2017 година и нека погледант изјави од неговата кампања. Најозбилниот демократски кандидат на тие избори во Србија, Саша Јанковиќ, имаше околу 600.000 гласа, додека еден несериозен лик, кој од политиката прави пародија освои околу 345.000 гласови. Најголемиот ќар од таквата ситуација секако имаше Александар Вучиќ.

Многу луѓе и Амди Бајрам би го гласале од разни причини. Едни ќе го гласаат затоа што со тоа ќе сакаат да искажат некаков револт. Други ќе го гласаат и со тоа ќе искажат некакво разочарување. Трети ќе гласаат поради сеир и смеење. Четврти ќе го гласаат Амди Бајрам наместо како што досега на изборите го поништувале своето ливче. Петти ќе го гласаат затоа што не веруваат во демократските процеси, а Амди Бајрам е лик кој е симбол на сѐ што не е демократско. Цврсто сум убеден дека во освоениот број на негови гласови убедливо најмал процент ќе бидат оние гласови на граѓани кои вистински веруваат во неговата политика и го одржуваат како пратеник толку многу години.

Колку гласови може да освои Амди Бајрам? Колку има револтирани, разочарани, оние кои имаат потреба од политички сеир и смеење, оние кои на секои избори го поништуваат ливчето, оние кои сакаат демократијата да ја претстават како пародија? Обидете се да ја замислите неговата кампања. Секојдневни собири, секојдневни изјави за медиуми, сѐ тоа мултиплицирано на социјалните мрежи. На Амди Бајрам не му треба дополнителена креативност, доволно му е да биде тоа што е. Неговата умешност од политиката да прави пародија многу лесно може да привлече големо внимание и да создаде чудна еуфорија.

Претседателската кандидатура на еден таков лик, каков што е Амди Бајрам, сигурно нема потенцијал да донесе резултат за учество во втор круг на изборите, но сигурно ќе биде во првите пет кандидати. Сепак, не се за потценување гласовите кои можат да бидат фрлени во ветар, а штетата од политичката пародија секако паѓа врз демократските сили во општеството. Уште повеќе разочарани граѓани по изборите, уште повеќе луѓе кои не веруваат дека политиката може да носи серија на позитивни промени и решавање на проблеми. Уште повеќе коментари „сите се исти“ и “барем да го избравме Амди Бајрам“, уште повеќе „мене не ме интересира политика“. Ваква атмосфера е најмалку нешто што ѝ е потребно на предводниците на оваа Влада, посебно откако го решија најголемиот политички проблем во државата-проблемот со името, за кој секако веќе се плаќа скапа политичка цена. Таква атмосфера не ѝ е потребна на Влада која пред себе има и други големи и сериозни предизвици во периодот кој следи, од загадениот воздух, преку економијата и стандардот на граѓаните, па се до владеењето на правото и градењето на едно општество за сите. Проблемите не се решаваат со политичка пародија.

Праксата покажува дека оние кои на изборите нудат политичка пародија како понуда, одземаат гласови на левицата. Гласовите на големите десничарски партии, без разлика на понудата на останатите кандидати, се секогаш повеќе дисциплинирани. Политичката логика налага владејачката гарнитура предводена од СДСМ, свесна за политичката цена на решавањето на името, да излезе со еден заеднички кандидат на изборите и да не ги истура гласовите пред обидот на ВМРО-ДПМНЕ да се консолидира. Очигледно е време премиерот Зоран Заев да седне деновиве со лидерите на коалициските партии и со својот авторитет да се обиде да обезбеди еден заеднички кандидат на сите владејачките партии. А за оние кои сепак наместо решавање на проблемите одбираат да понудат пародија не треба да има место во една сериозна коалиција.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...