Парламентот: циркус или работилница за закони

Парламентите се работилница за закони во кои напорно се работи во комисиите на усогласување на ставовите на партиите, пред готовите закони да дојдат на гласање на пленарна седница.

1814

Работата на комисијата за меѓународна политика на парламентот на Македонија веднаш по независноста се состоеше не во конструктивна критика на работата на министерот за надворешни работи, туку во целосно отфрлање на неговата политика. Како професор по современи политички системи, со увид во работата на други парламенти, се обидов да му ја објаснам задачата на комисијата за надворешна политика на претседателот, пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, дека сите членови на комисијата треба, секое сабајле, да одат на работа, да учат и да се информираат за меѓународната политика, за успешно да и парираат на извршната власт како компетентни соговорници на министерот за надворешни работи. Објаснив дека, преку секојдневна работа и со поддршка на административниот апарат на комисијата (кој тогаш броеше само еден човек!), парламентарците треба да се оспособат да прават разлика помеѓу она што е добро и она што не чини во надворешната политика на владата. Тоа ќе значеше да се напушти праксата на целосно отфрлање на се што доаѓа од владата и поддршка за добрите политики кои се во интерес на народот и државата. Тоа ќе значеше и збогување со лесната пракса се да се решава на пленарни седници на собранието кои неретко завршуваа во хаосот на тоталното несогласување. Имено, во стабилните демократии, вистинските работилници за производство на законите се комисиите на парламентите.

Пленарните седници, пак, се како пазаришта на кои се продаваат готовите производи. Оттаму и онаа слика од американскиот конгрес, на пример, која прикажува осамен говорник, полупразна сала, пратеници кои шетаат и тивко разговараат. Тешката работа на производството на законот и на усогласување на различните интереси е дамна завршена во комитетите, а звончето на претседавачот ќе ги собере сите од коридорите на конгресот за лесната работа за гласање, кога ќе дојде време.

Немам прецизен увид колку, во оваа смисла, е реформиран македонскиот парламент: дали се сменети навиките на пратениците да ја прескокнуваат тешката работа и да одат директно на лесната, гласањето, дали одат на работа секој ден, колку учат и колку се информираат и дали имаат добар административен апарат да им помогне во формулирањето на законите во областа за која се задолжени (здравство, школство, надворешни работи, внатрешни работи, законодавство, одбрана, индустрија, земјоделие…). Но, изјавата на претседателот на парламентот Талат Џафери дека, без претходна согласност меѓу партиите, нема да дозволи циркус на пленарна седница кажува дека старите навики се сеуште живи.

Парламентите се работилница за закони во кои напорно се работи во комисиите на усогласување на ставовите на партиите, пред готовите закони да дојдат на гласање на пленарна седница. Без таа претходна соработка меѓу пратениците од различни партии, во која се бара мислење и од експертската јавност, но се излегува со усогласен став на сите, пленарната седница лесно се претвора во циркус. Ако е ова точно, тогаш повторно не чека циркус на седницата на која ќе се носи законот за Јавното обвинителство, во наредните неколку денови.

Извор: Инбокс7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...