Паркингот кај Транспортен центар плива во ѓубре

Паркирањето во Скопје не е евтино, а во центарот на градот дури е и прескапо, но она што скопјани го добиваат како услуга, освен место каде што е дозволено да се остави возилото е друга работа.

407

Се грижи ли некој за состојбата на јавните паркиралишта во Скопје или оние кои стопанисуваат со нив имаат обврска само пари да земаат за паркираното возило? Ова е едно од најчестите прашања што си ги поставуваат скопјани поврзани со паркиралиштата низ градот.

Паркирањето во Скопје не е евтино, а во центарот на градот дури е и прескапо, но она што скопјани го добиваат како услуга, освен место каде е дозволено да се остави возилото е друга работа. Граѓаните имаат мноштво забелешки, особено на оние паркиралишта на кои се влегува со рампа. Како што велат, на повеќето од нив асфалтот не е обновен со години, дури и бојата со која се исцртани паркинг-местата веќе едвај се познава. На некои од нив осветлувањето е лошо, а на ниедно никој не се грижи за безбедноста на паркираните автомобили.

На паркиралиштето кај „Холидеј ин“ скршен е автоматот на кој се издаваат билети, а деновиве на него стоеше натпис дека не работи. Неодамна од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката (АДСДП), кое стопанисува со овој простор, рекоа дека годинава се планира реконструкцијата на ова паркиралиште и дека во тек е јавна набавка за тековно инвестиционо одржување, а веднаш по нејзиното финализирање ќе започнат градежните работи.

Валкан и преполн со отпадоци е паркинг-просторот кај Транспортен центар. Оние што го користат или граѓаните кои патот ги води пеш преку него, велат дека таму е така секојдневно. Ѓубре на сите страни.

– Речиси секој ден поминувам тука и постојано е исто. Се грижи ли некој за хигиената на ова паркиралиште? Хартии, ќеси, ѓубриште на сите страни. Срамота! – вели Милош, жител на Аеродром.

Од јавното претпријатие „Градски паркинг“ под чија надлежност е ова паркиралиште, објаснуваат дека чистотата на паркинзите со коишто стопанисуваат ја одржува одделение за хигиена во самото претпријатие и вработените, коишто се распределени по паркинзите.

Паркингот „Транспортен центар“, се чисти со динамика од најмалку еднаш неделно, рачно и машински. Проблемот се јавува од автобусите што се паркираат и поради фрлање на ѓубрето веднаш до автобусот и покрај тоа што има контејнери на самиот паркинг. Во наредниот период ќе организираме акција со Инспекторатот за санкционирање на несовесните возачи на автобуси вели Славчo Јовановски, раководител на секторот Јавни паркиралишта во „Градски паркинг“.

За хигиената на паркиралиштата, катните гаражи и монтажните паркиралишта кои се во надлежност на општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ се грижи Општината, односно работници кои ги ангажира Општината. Тие ги чистат овие простори на десетина дена, но како што тврдат од Центар, и почесто доколку има пријава од граѓанин или од вработените од ПОЦ.

За одржување на хигиената на паркиралиштето „Центар“ (кај „Холидеј ин“) и катните гаражи со кои стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, се грижат хигиеничари вработени во АДСДП. Тие секојдневно се ангажирани во зависност од потребите на одреден паркинг.

Секој паркинг или катна гаража се чисти секој трет ден – тврдат од АДСДП.

 

Анета Стојковска, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...