Италијанецот Доминик Парис го освои претпоследното спуст сезонава од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини во норвешкиот зимски центар Квитфел и задржа минимални шанси за освојување на малиот кристален глобус во дисциплината. Парис е втор во рангот со 420 поени, за 80 помалку од Швајцарецот Беат Фојц, кој денеска остана на второто место.
Италијанецот, кој ја освои светската титула во супер-џи во Оре минатиот месец, заврши за 1:45.74 минути и ја забележа третата победа сезонава во спуст и 11-та во кариерата. Кристоф Инерхофер (2012/2013) и Кристијан Гедина (1996/1997) се останатите двајца Италијанци со три успеси во спуст во една кампања.
Беат Фојц остана втор со заостанување од 25 стотинки од секундата, а трети на 37 стотинки се нареди олимпискиот шампион во супер-џи од Пјонгчанг 2018 – Матијас Мајер (Австрија).
Последниот старт за сезоната е на 13 март на финалето во Андора. Фојц, кој го освои малиот кристален глобус во дисциплината во минатата сезона, води на табелата и оваа кампања со 500 поени и има големи шанси да го одбрани трофејот.
Фојц, кој има само една победа во дисциплината за сезоната – во Бивер Крик (САД) во ноември минатата година, е првиот алпиец по Штефан Еберхартер (Австрија) во 2004 година, кој забележува шест последователни подиуми во спуст.
Светскиот шампион во спуст, Кетил Јансруд од Норвешка заврши осми, на 1,04 секунда зад Парис.
Во генералниот пласман сезонава, Марсел Хиршер останува лидер со 1.408 поени, следен од Пинтуро со 918 поени и Хенрик Кристоферсен со 808 поени.
ФОТО: МИА