Во претседателската палата во Париз викендов се работело на новата методлогија за проширување која ќе им биде понудена на земјите – членки на ЕУ.
Ова денеска на средба со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби го пренела потпретседателката на францускиот Сенат Елен Конве-Муре.
– Тоа што ме информираа беше многу охрабрувачки дека викендов се работело во претседателската палата во Париз и дека набрзо ќе излезат со нова методологија за проширување која ќе биде понудена на земјите – членки на ЕУ, што е нов момент на кој што би можеле да го градиме нашиот наратив во време на вакуум помеѓу недонесување на одлука и нов самит незнаејќи што ќе се случува во рамките на ЕУ – рече Груби.
На средбата било разговарано околу политичката состојба во нашата државата, но и во Европската унија после недонесувањето на одлуката на самитот на земјите – членки на ЕУ во октомври.
– Побарав од неа и од француските авторитети неизвесноста по недонесувањето на одлуката во окотмври да биде исполнета со конкретна понуда од страна на Франција до земјите членки за да знаеме како да го исполниме вакуумот помеѓу октомври и новиот самит на Унијата во мај во Загреб – рече Груби.
Toj повтори дека нашиот став е дека нема алтернатива за Северна Македонија освен членството во ЕУ.
-Тоа го кажав и на денешната средба. Во франција ќе пронајдеме и имаме пријател којшто се обидува што е можно поскоро да ја усвои новата методлогија за да се откочи нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ – додаде Груби.
Освен за методологијата за проширување, на средбата со Конве-Муре, според Груби станало збор и за законот за јавно обвинителство односно за вметнување на СЈО во рамките на јавното обвинителство, но и законот за опојни дроги кој е во собраниска процедура, како и за други реформски закони кои треба да бидат усвоени и имплементирани до следниот самит во Загреб.
Законот за опојни дроги, како што рече Груби, бил споменат во контекст на употребата на европското знаменце и скратената процедура и за тоа дека е потребна многу поголема дебата за тој закон.
– Како што знаете веќе Комисијата за европски прашања не е веќе матично тело за тој закон туку е во Комисијата за здравство, која всушност не ја ни започна дебата за тој закон. Мислам дека можеме да дојдеме во ситуација Владата да го ревалуира текстот на предлог-законот – рече пратеникот на ДУИ