Франција и Париз се силно погодени од пожарот кој го проголта покривот на Богородичната црква во Париз, само неколку дена откако започна нејзината реставрација, јавува дописникот на МИА.
Според портпаролот на катедралата, пожарот бил регистриран околу 18:50 вечерва, а од пожарот се урнати и покривот и кулата. Истовремено дебел облак чад покрива дел од главниот град. Според француските медиуми кои се повикуваат на извори во противпожарната служба, пожарот бил „потенцијално поврзан” со реновирањето кое започна да се изведува на катедралата.
Францускиот претседател Емануел Макрон веднаш реагираше, откажувајќи го обраќањето на француската телевизија на која требаше да ги претстави првите мерки за излез од кризата со жолтите елеци.
– Како и сите мои сонародници, несреќен сум што гледам како дел од секој од нас изгоре вечерва, напиша Макрон на Твитер и воедно изрази солидарност со „сите католици и Французи“.
Поранешниот шеф на државата, Франсоа Оланд, исто така преку Твитер објави „Нотр-Дам е нашето заедничко наследство. Повредува кога гледаме како е опустошена од огнот. Почит кон пожарникарите кои работат на гаснењето на огнот “, додаде тој.
Претседателот на Сенатот, Жерар Ларчер, изјави дека е „шокиран од сликите во срцето на Париз”. „Во оваа света недела, огромна емоција.”