Папата Франциск на 7 мај, ако дозволат временските услови, низ центарот на Скопје ќе се движи и ќе ги поздравува граѓаните од неговиот т.н. папамобил, потврди денеска државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, кој заедно со премиерот Зоран Заев и со бискупот Киро Стојановски, одржа прес-конференција по повод доаѓањето на папата.
Интересот е голем, се очекуваат околу 15.000 граѓани на мисата на плоштадот „Македонија“, а досега барање за акредитација поднеле околу 400 медиумски претставници, половина од странство, половина домашни.
Папата на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе пристигне со специјален лет од Бугарија, а таму ќе го пречекаат претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Потоа ќе се упати кон претседателската вила на Водно, каде ќе има одделни средби со семејствата Иванови и Заеви, а потоа таму ќе им се обрати на дипломатскиот кор и на граѓанскиот сектор.
Како што веќе пишувавме, следната дестинација на папата ќе биде спомен куќата на Мајка Тереза, а потоа ќе биде и централниот настан – светата миса на градскиот плоштад, која е предвидена за во 11.30 часот. Таму, ќе има околу 2.000 места за седење, а од Католичката црква велат дека најголемиот дел од нив ќе ги распоредат за повозрасните граѓани.
До плоштадот, поради строгите безбедносни проверки, ќе има пристап само од три влеза, секој граѓанин ќе помине низ полициска проверка. За безбедноста да биде на потребното ниво, како и протоколот, се координираат вкупно 30 институции. Што смее, а што не смее да се носи, можете да прочитате ТУКА.
Папата Франциск мисата ќе ја држи на италијански јазик, а дел од централниот настан на плоштадот ќе биде и на македонски и на хрватски јазик.
Последниот дел од официјалната посета е предвиден за посета на Католичката црква во Скопје, каде што папата ќе се сретне со верниците.
Премиерот Заев смета дека оваа посета доаѓа во важен момент за државата, како што рече, кога земјава е пријател со сите. Во земјава, католичката заедница е многу мала и затоа е особена честа што ја укажува папата, а неговото доаѓање, нагласи премиерот, ќе претставува и афирмација на Северна Македонија пред целиот свет.
Тој нагласи дека папата доаѓа и кога се одбележува значаен јубилеј – 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан.
Токму тоа е и една од причините за посетата кои ги нагласи и бискупот Киро Стојановски. Друга причина е тоа што овде има мала, но сепак жива заедница на католички верници, па, како што нагласи бискупот, пастирот доаѓа да го посети своето стадо. Третата причина, според него, е што Скопје е родниот град на Мајка Тереза.
Photo: EPA / CIRO FUSCO