Канцеларијата за печат при Светиот Престол во Ватикан, денеска ја објави програмата за посетата на Папата Франциск во Северна Македонија, при што ќе го посети Скопје, родниот град на светата Мајка Тереза, информираа од Владата.
Предвидено е на 7. мај наутро Папата да пристигне во земјава.
По официјалниот пречек, неговата Светост, Папата Франциск ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.
За време на својот престој во земјава, Светиот отец ќе се сретне со верските лидери и со сиромашни лица.
Во програмата за апостолското патување на Папата Франциск во Северна Македонија предвидено е тој да служи света литургија, а потоа да присуствува на екуменска и меѓурелигиска средба со млади.
Папата, своето 29-то апостолско патување ќе го заврши во попладневните часови на 7 мај, одржувајќи средба со свештениците, нивните семејства и богопосветените лица, а потоа ќе се врати во Рим.
Претходно, тој ќе ја посети Република Бугарија и градовите Софија и Раковски.