Посетата на папата Франциско на 7 мај, кој истовремено е и државник, за власта е и порака од политички аспект.
– Самата посета е и порака – вели државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, за кого тоа е крупна порака бидејќи се случува во период кога државата ги затворила проблематичните прашања и со крупни чекори гази по евроатлантските интеграции.
На оваа посета, рече тој, нашите дипломати работат подолг период. Организатори заедно со МНР се Владата и кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
Бидејќи станува збор за државна посета на највисико ниво, тој кажа оти ќе има и високо безбедносно ниво како што предвидуваат протоколите и убеден е дека МВР, Агенцијата за разузнавање на претседателот и пријателските служби од странство ќе си ја завршат работата.
Посетата има и симболика бидејќи е во годината кога Македонија одбележува 25 години дипломатски односи.
Папата ќе престојува во Северна Македонија околу 10 часа. Официјалната посета со државнички посети ќе биде во претседателската вила на Водно каде тој ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, дипломатскиот кор и цивилното општество.
Од Водно тој ќе ја посети спомен куќата на Мајка Тереза каде ќе се сретне со младите од различни верски заедници и со сиромашните. Главниот настан, пак, ќе се одржи на централниот плоштад во Скопје каде папата ќе одржи миса.
Ако дозволат временските услови, организаторите разгледуваат и опција тој со својот автомобил да се прошета низ главниот град и да ги поздрави граѓаните и верниците.
И за скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов посетата е од историско значење и покажува оти за папата Франциско нема мали луѓе.
– Од првиот ден папата посветува извонредно внамание на т.н. мал човек. Бројот на католици во нашата земја е незначителен, но за папата нема незначителни луѓе. Покрај поглавар тој е и државник и затоа посетата е и на црквата и на државата. Таа е дел од неговото апостолско патување – рече бискупот.
Според него, најголем чин на оваа посета е настанот на плоштадот за кој е убеден дека ќе биде најубавата литургија во Скопје. Средбата со младите од различни вери, пак, бискупот ја смета за охрабрување за соживот и соработка без разлика на религијата.
И Католичката црква наголемо се подготвува за посетата.
– Не би сакале ништо да оставиме на случајот, туку сакаме да сме подготвени за таа посета да не биде само манифестација туку да вроди со духовен плод – вели бискупот.
За посетата на папата направена е и посебна веб-страница www.papa.mk на која ќе се објавуваат сите сервисни информации и новости, а започната е и акредитацијата на странци кои сакаат да бидат дел од историскиот настан.