Папата до младите: Ризикувајте, немојте да бидете живи мртовци!

Тој на младите им порача дека еден од најголемите проблеми на денешницата, со кој се соочуваат тие, е изгубената можност за сонување.

3089

Со Екуменската и меѓурелигиска средба со младите и со средби со свештениците, нивните семејства и богопосветените во Католичката црква во Скопје, денеска попладне заврши апостолската посета на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Тој на младите им порача дека еден од најголемите проблеми на денешницата, со кој се соочуваат тие, е изгубената можност за сонување.

– Кога некој не сонува, а особено тоа е млад човек, се исполнува со празнина, и безнадежност. Тоа е погрешен пат што треба да се избегнува. Секојдневните лични и општествени проблеми не треба да ве обесхрабруваат. Обидете се да мислите на вашите најголеми соништа – им порача папата на младите во Католичката црква во Скопје.

Папата ги повика да создаваат надеж за градење свет во кој ќе се грижат еден за друг без разлика, како што рече, дали се христијани или муслимани.

– Нашиот свет е многу поделен, бидејќи ние самите сме поделени, затоа е неопходно да се создаде поинаков свет, но за да се случи тоа мора младите да се вклучат. Треба да ги користите шансите, и да не се плашите дури и ако згрешите. Немојте да бидете живи мртовци, плашејќи се да преземате ризици. Дури и да згрешите, секогаш може да почнете одново. Ние како христијани, не треба да се одделуваме еден од друг, и треба да живееме со своите пријатели и соседи како апостоли, рече папата Франциск.

Како пример што сите треба да го следат, ја посочи Мајка Тереза.

Папата Франциск на средбата со свештениците и нивните семејства, се заблагодари за можноста за оваа средба.

– Ви благодарам што ја овозможивте оваа средба. Благодарен сум за овој момент, во кој гледам дека Црквата дише со полн капацитет. Да се заблагодариме за оваа можност да дишеме подлабоко, како едно, и да ја почувствуваме добрината на Бога – истакна папата.

Папата посочи дека луѓето честопати мислат дека нештата може да се поинакви ако сме посилни, помоќни и повлијателни.

– Но, не е ли точно дека тајната на нашата сила, моќ и влијание, и дури и на нашата младост, доаѓаат од друго место, и не од фактот дека „нашите сметки се во ред“? Колку често ја трошиме нашата енергија и ресурси, во состаноци, дискусии и програми, на пристапи, методи и цели, што не само што никого не возбудуваат, туку и се покажаа неспособни да донесат дури и еден сјај од евангелискиот мирис што ќе понуди удобност и ќе ги отвори патиштата на надежта, и во исто време ќе не лиши од лична средба со останатите? Колку беше во право Мајка Тереза кога рече: „Се што е непотребно ми тежи!“ – рече папата.

Папата Франциск порача да го оставиме зад нас целиот товар што не попречува во мисијата и, како што посочи, „го попречува мирисот на милосрдието да го почувствуваат нашите браќа и сестри“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...