Значењето што едно нешто го има, неговото име и изглед, она што вообичаено се смета за неговата мерка и тежина – во почетокот безмалку секогаш е погрешно и произволно. Но, тоа погрешно значење се зајакнува од генерација во генерација, само затоа што луѓето веруваат во него; постапно, грешката или случајноста стануваат дел од тоа нешто, стануваат нејзиното тело. Она што во почетокот било само привид или заблуда, на крајот – безмалку секогаш – станува неговата суштина. Со овој цитат на Ниче започнува Мазоверовата куса историја на Балканот, сликувајќи ја со моќна филозофска мисла судбината на самиот географски поим што денес се употребува како да постоел отсекогаш.
Но, пред неполни два века никој под небеската капа не го употребувал овој поим за нашиот презрен полуостров: Балканот практично не постоел до втората половина на 19 век. Османското царство во тоа време – и векови наназад – владеело со „Румелија“, со „Римските“ земји што царството ги проголтало заедно со Константинопол, со последните фрагменти од Источното Римско Царство, познато и како Византија. Некаде во тоа време Балканскиот Полуостров по грешка го добило своето име: поради заблуда за протежноста на планината Балкан, за која до половината на векот европските географи погрешно верувале дека го маркира целиот регион, како што тоа го прават Пиринеите. Колку и да е бесмислено, поради обична географска заблуда Балкан станува име на целата Југоисточна Европа.
Балканското буре барут
Своите политички, цивилизациски и други – главно пејоративни – значења, Балканот ги заработил во текот на создавањето на националните држави на Србите, Бугарите, Грците и Црногорците во 19 век и, потоа, со воведот во крвавиот 20 век, со ужасните масакри на војските и цивилното население во Балканските војни. Во тоа време, стариот свет – цивилизиран по безмалку половина век примирје – на нашиот роден Балкан му ги додаде негативните конотации на симбол на насилството, дивјаштвото и примитивизмот. Иако овие атрибути „цивилизираната Европа“ стоструко повеќе ги заработи во Првата светска војна, погрдното созвучје што му се залепи на Балканот ечи при изговорот и ден-денес.
Другата презирна конотација што Балкан му ја подари на царството на светските јазици е т.н. „балканизација“, што може да се преведе како „ситнодржавност“ или дробење на мали државички. Овој нов збор, што со еден вид антономазија произлезе од нашиот Балкан, успеавме со свежи напори, по распаѓањето на Југославија, да го направиме повторно често употребуван атрибут во светскиот геополитички говор.
Дека оваа запалива смеша од својства на Балканите – комбинацијата од насилен простаклук, дивјаштво и тенденција кон ситнење и произведување непријатели, стана веќе излитено планетарно клише, кажува и општоприфатената метафора за „балканското буре барут“. Но, дека сме Пандорината кутија на Европа – таа убава митолошка метафора му ја должиме на еден млад, екстатично активен и харизматичен новинар што често известувал од Балканот во деценијата пред Првата светска војна. Тој генијален маљчик се викал Лав Бронштајн Троцки, и токму негова е анализата, напишана уште 1909 година, дека „Балканот е Пандорината кутија на Европа“. За да се затвори Пандорината кутија од која излегле сите зла на светот, Троцки пророчки предвидува дека „само една единствена држава на сите балкански народи, создадена на демократска и федеративна основа – по примерот на Швајцарија или Северно-американската република – може на Балкан да му донесе меѓународен мир и услови за силен развој на производните сили…“.
Пророчката мисла на Троцки беше првин остварена од историјата – со југословенскиот експеримент, за повторно балканскиот полуостров да ја оправда својата превртлива природа, што му беше закачена во почетокот на векот. Во предвечерјето од југословенската етида, еден друг гениј – можеби еден од најголемите историчари и интелекти на 20 век – Ерик Хобсбаум, во неговата маестрална студија „Нациите и национализмот од 1780“, напиша: „На пример, да претпоставиме, заради аргументацијата само, да се создаде „Европа на нациите“ во вилсоновската смила на зборот, (…) Шпанија би била намалена за Еускадија и Каталонија, Британија пак, со сецесијата на Шкотска и Велс, Франција со отцепувањето на Корзика, а од Белгија би настанале две земји…
Понатаму на исток, државите на советската зона на влијание би оделе по сопствен пат, можеби со Словаците, кои би се одвоиле од Чесите, и со Балкан што би се изделил помеѓу Словенците, Хрватите, Србите и проширената албанска држава, и со независната Естонија, Летонија и Литванија, што би се појавиле долж Балтикот. Може ли да се претпостави дека таквата балканизација, проширена на целиот свет, би обезбедила траен и стабилен политички систем?“ Да, пророчката хипотеза на Хобсбаум во голема мерка се оствари, зашто балканизацијата на Балканот ја породи нашата независност, но на пророковото прашање историјата уште го смислува одговорот!
Поуката од оваа куса историја на една географска заблуда е следна: нашето постоење како држава е како пеперуткин лет – нежен, непредвидлив, кршлив и необезбеден од никаква историска детерминираност, па малоумната деценија под режимот на ВМРО ги загрози самите фундаменти на нашата егзистенција. Ако не ги исправиме грешките од „глупавата деценија“, ризикуваме времето да ги претвори во нашата нова ничеовска суштина!