Стотина работници во ЗК „Пелагонија“ од Битола денеска излегоа на мирен протест пред дирекцијата барајќи ја октомвриската плата, а велат дека незадоволството расте поради неизвесноста, што ќе биде понатаму со комбинатот.
– Никој не доаѓа од тие што треба да ни каже во кој правец ќе се движи комбинатот и никаков контакт немаме со никого за да каже во што е проблемот и зошто не е исплатено – изјави за ТВ Алфа член на Синдикалниот одбор.
Додека траеше протестот, меѓу работниците се појави еден од сопствениците Цветан Панделески, кој вети дека октомвриската плата ќе биде исплатена до среда и дека ЗК „Пелагонија“ веќе ги пребродува тешкотии со подмирување на обврските кон доверителите, и покрај тешката производствена година со сушата и преполовената реколта со пченка.
– Комбинатот ќе си биде многу подобар отколку што беше. Луѓето ќе си добијат плата, а оној што сака да прави проблеми, ќе си ги прави дома а не кај нас. Комбинатот финансиски е многу јак, без разлика што годината беше катастрофална. Очекуваме дека државата ќе излезе во пресрет и ќе ги плати субвенциите кои не се исплатени на Комбаинатот, а тоа е една плата – им рече Панделески на работниците.