Албанската опозициска Демократска партија обвини дека објавувањето на веста за разбиена иранска терористичка ќелија во март 2018 година, се случува денеска „бидејќи сега му е потребна на премиерот Еди Рама“, за да го отргне вниманието од негативната одлука на Европската Унија за отпочнување на преговори со Албанија.
Потпретседателот на партијата, Еди Палока, иронично додаде дека „утре може да ни кажат дека виделе НЛО во Кукс“.
– Веста за откриена терористичка ќелија се објавува денеска затоа што сега му е потреба на Еди Рама. Потребно му е на Рама да го отргне вниманието од преговорите. Тој се обидува да измисли и други приказни, што значи дека копал и копал и ја извадил оваа вест за терористите. Целта е да се одвлече вниманието од преговорите. Дај боже да не излезе Ардиу Велиу утре за да каже дека НЛО биле видени во Кукс – изјави Палока за „Њуз 24“.
Тој истакна дека премерот Рама воопшто не е загрижен што преговорите не се отворени, бидејќи „се чувствува добро во оваа ситуација што самиот ја создаде“.
– Ова е најголем проблем што го имаме. Ако имавме поинаков статус, не ќе можеше да менаџира со односите со криминалот, како што тоа го прави денес. Затоа, Рама го најде рајот, сонцето изгрева секој ден, темнината започна за Албанците уште од моментот кога тој дојде на власт. Рама има милиони, вили, чартер патувања, води монденски живот. Ние не разговараме за благосостојбата на Рама, туку на Албанците. Вратата од ЕУ, всушност, беше затворена за Рама, но Албанците трпат последици – обвни Палока.
Според него задача на опозицијата е да го изнесе пред лицето на правдата овој премиер, кој е единствено одговорен за тоа што не почнаа преговорите.
– Условите што се додаваат и додаваат не доаѓаат зашто така им текнало на Германците, Холанѓаните или Французите, туку дека овој господин прави чекор назад. Зошто нема услови за Македонија, каде последно беше екстремното барање за смена на името, што и го направи. Македонија достигна такво ниво на исполнување на услови што денес нема причина да не се отворат преговорите за ова земја. Со нас се случува спротивното – потенцира Палока.
Тој додаде дека длабоката политичка криза во која се наоѓа Албанија не се решава без заминувањето на Рама и оти целта на опозицијата се слободни и фер избори.