САД силно ја поддржуваат Северна Македонија во реализацијата на своите стратешки цели – полноправното членство во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија, истакна Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, на средбата на маргините на Бледскиот стратегиски форум со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ – подвлече Палмер на средбата.
На средбата, како што соопшти МНР, фокусот на разговорите беше ставен на динамиката на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО и севкупното значење од интегрирањето на земјата во Алијансата, како и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, за регионот и пошироко. Беа разменети мислења и за внатрешно политичките актуелности во земјата, а се разговараше и за случувањата во соседството.
„Северна Македонија постави пример во решавањето на политичките прашања и отворањето на подобри перспективи за своите граѓани. Криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, неказнивоста во земја членка на НАТО со европска иднина, не е опција“, е истакнато на средбата.
Шефот на дипломатијата Димитров од своја страна рече дека „НАТО промовира стабилност и во време на неизвесност, мудро е да го забрзаме процесот на интеграција за да го зацврстиме регионот и да го прифатиме своето европско ветување“.
Шеќеринска се заблагодари на конзистентната поддршка од САД за членството на нашата земја во ЕУ и НАТО и потенцираше дека владата нема да дозволи ништо да застане на патот на интеграциите во НАТО и ЕУ.
– Оваа генерација политичари го направи чекорот за својата земја, го обезбеди членството во НАТО и го заслужи почетокот на преговори со ЕУ следниот месец. Тоа е патот по кој одиме, каде нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок – рече Шеќеринска.