Пак за „македонско“ и „граѓанин на РСМ“

1190

Пратеникот на опозицијата Комуцакос, во остра расправа на Комисијата за надворешни работи на грчкиот парламент бранеше став дека владата на Алексис Ципрас признала македонски јазик и нација кога, во Преспанскиот договор, ја допуштила формулата „државјанство/граѓанин на РСМ.“ Министерот Катругалос го оспоруваше тоа. Неговиот аргумент беше: меѓународното право не знае за „дефиниција на нации.“ Врз основа на тоа државите не признаваат нации. Ни Грција не го сторила тоа. Значи, во прашање е признавањето. Има или нема признавање? Било директно, било индиректно?

Во својата колумна „Што сака Касами?“ образложив дека на придавката “македонско“ инсистрирал нашиот министер Никола Димитров, а пак тоа го прифатил Гркот Никос Коѕијас. За да се најдат „некаде на половина пат.“ Коѕијас сметал на други, за него поважни отстапки од Димитров. Кога не би било така, и тој би барал да се брише таа придавка затоа што покрива не само држава (РСМ) туку и народ. Како, на пример, во синтагмата „македонски народ.“ Коѕијас би го барал тоа, ако ништо друго, тогаш барем да се отстрани двосмисленоста -амбигвитет: едни ќе го читаат (Касами, на пример) тоа како  ознака за етнос. Други како ознака за припаднаст на држава. Не поинаку е, впрочем, и со двајцата грчки полемисти – пратеникот Комуцакос и министерот Катругалос.

Точно е дека меѓународното право признава држави, но не и нации. Од таа гледна точка министерот Катругалос е во право. Точно е, исто така, дека придавката „македонско,“ иако се врзува за „државјанство,“ се внесува и заради нешто друго. Тоа друго е: затоа што од Македонија може да се изведе придавка „македон-ски,-ска,-ско“, а од Северна Македонија  „северномакедон-ски,-ска,-ско“, се прави добар копромис (А. Меркел: оној од кој никој не е задоволен) за да се ублажи психолошкиот шок (удира по душа!) од промената на уставното име. Не помалку во право е, од таа гледна точка, и пратеникот Комуцакос. Придавката упатува и на јазик и на нација истовремено. Иако е врзана за “државјанство.“

Самото признавање (αναγνοριση на грчки; кај Аристотел идентификација или препознавање) било директно, било индиректно е нешто без кое не можат народите, супстанца на државите што ги признава меѓународното право. Зошто е така тоа? Така е затоа што таа супстанца е составена од единки (живи луѓе, индивидуи) кои се поврзуваат меѓу себеси со заеднички јазик и традиција, усна или писмена (историја). Тоа се две клучни составки на тоа што обично се вика национален или идентитет  на етно-група. Да се оспори тој идентитет не значи друго освен да се рече дека е во прашање аморфна (безоблична) маса, како што би рекол Крсте Црвенковски. Таа аморфна маса стои, во најмала рака, подолу во споредба со друга, културно и цивилизациски поиздигната.  Таа маса сѐ уште нема μορφη (облик, форма), таа е – инфериорна.

Кога некој ве смета за подолу (инфериорен) од себе, како може не само да помисли, туку и да склучи договор за добрососедство со вас? Затоа што, освен во случајот на безусловна капитулација, договори склучуваат партнери, ортаци или држави кои се признаваат како – постојни (егзистентни), може да се рече дека самиот договор е, во една мера, обострано признавање на страните кои го склучуваат. Еден потпишан договорот меѓу владите на Заев и Борисов, макар и „на службениот јазик според уставот“ на двете земји, „асиметричен“ (Ф. Мухиќ) по некои точки, сепак има силно изразина тендеција за рамноправност и, со тоа, признава јазик и нација. Кога не би било така, Борисов би наметанал бугарски за својот јазик, а „службен јазик според уставот“ за – македонскиот.

Таа силно изразена тенденција кон признавање македонски јазик и нација наидува на ожесточени отпори како во Грција (Мицотакис, Каменос) и Бугарија (Каракачанов, Захариева), така и во Македонија (Мицковски, Бачов). Тие отпори повлекуваат со себеси завиден дел од јавното мнение (тешко прифаќа крупни промени!), планирани гласачи за секоја опозиција чија прва цел и смисла е да дојде на власт. Неретко, по секоја цена. Затоа и се вели (со право!) дека тие опозиции бранат теснопартиски интерси. Државните галантно им ги препуштаат на партиите на власт. Јас мислам дека има и нешто друго кое помага да се разбере зошто толку многу луѓе, и во трите земји, се против договорите.

Националниот идентитет (тој е менлив!) има своја основа во еден друг за кој се користи името „архаичко јас“. Последново се разликува од првото по тоа што се стекнува на најрана возраст: готов е во петтата година од животот на дете. Потоа не се менува. Тој се скаменува. И за него јазикот (мајчин) е клучна составка, а пак бајките се тоа што се традициите (историја) за националниот идентитет кој се менува. Ете и зошто се вели дека човек двапати се раѓа: еднаш од своите биолошки родители и вторпат во јазикот (Бенвенист).

Затоа што има пресечна точка меѓу примарен (архаичко јас) и секундарен (национален) идентитет, оспорувањето на последното е автоматско оспорување и на првото. Но и оспорувањето (негација)  е, од логичка гледна точка, „да“ и „не“ истовремено. Тоа не е апсолутна негација како рамнодушноста, на пример. „Да“ затоа што да оспориш некого или нешто, треба да – постои!  Македонците и Македонија можеа да бидат оспорувани затоа што – постојат. Реков „можеа?“ Така реков, затоа што договорите меѓу Заев, Борисов и Ципрас колку до вчера беа научна фантастика во нашите „балканцки междусобици.“ Вистина, станува збор за едно индиректно признавање. Ама и тоа врапче в рака е многу повеќе од неслетан гулаб на гранка која, освен тоа, ја нема.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...