По сеопфатно проучување на прибраниот доказен материјал во врска со наводните неправилности при тенери на Министерството за здравство, обвинител од Обвинителствоto за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема сомнение за кривично дело што значи дека запира предистрагата.
За потсетување, обвинителството во текот на минатата година поведе предистрага по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство
„Во овој предмет беа опфатени постапките за јавни набавки на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка, набавка за биореагенси и тестови на крв, изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип и судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија“, потсетуваат од обвинителството.
За да постои кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, нагласуваат оттаму, е јавната набавка да е спроведена на незаконит начин и да има склучен договор, а ако нема договор тогаш нема ниту елементи за кривично дело.
„Така, од прибраниот доказен материјал произлегува дека во случајот со набавка на лекот Вемурафениб, постапката за јавна набавка е спроведена, но на предлог на Комисијата за јавни набавки, донесена е Одлука за поништување на постапката согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не е склучен договор за набавка.
Во врска со јавната набавка на биореагенси и тестови на крв, постапката е спроведена, но не е склучен договор, со оглед на тоа што Државната комисија за жалби по јавни набавки ги прифатила жалбите на жалителите и постапката е поништена“, објаснуваат од обвинителството.
Што се однесува до постапката за изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип, пак, станува збор за Рамковен договор за заем за финанирање на Проект за изградба и модернизација на Клиничкиот Центар Мајка Тереза во Скопје и регионалната Клиничка болница во Штип каде важат одредбите од Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа, а не одредбите од Законот за јавни набавки, па од тука и не постои кривично дело.
„Од Посебниот извештај кој е резултат на постапување по допрен глас на Управата за финансиска полиција, а во врска со судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија, произлегува дека нема повреди во постапката по јавните набавки, ниту е утврден судир на интереси кај одговорните лица, туку јавната набавка во целост и во сите фази е спроведена согласно закон“, наведуваат од обвинителството.