Во честитката по повод Новогодишните и Божиќните празници, упатена до Грците што се во странство, претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос ги спомна и т.н. грчки национални прашања: турско- грчките односи, кипарското прашање и спорот со името, односно Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Во врска со односите со Македонија, Павлопулос ги повтори неговите позиции од изминатиот период дека Грција нема да прифати своеволни толкувања на Договорот од Преспа или толкувања кои зрачат иредентизам.
-Не сме подготвени во пресрет на дефинирањето на договорот од Преспа и секако пред неговата ратификација, да прифатиме толкувања на Договорот од Преспа кои што се своеволни или зрачат иредентизам, бидејќи уште ништо не е завршено – порача претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.
Рече дека Грција „се стреми кон пријателски и добрососедски односи и во пракса покажува дека поддржува членство во НАТО и Европската унија”, но објасни дека за тоа предуслов е решавање на прашањето со името „согласно историјата и меѓународното право, а само откако ќе заврши уставната ревизија што ќе ги содржи сите гаранции”, тогаш Договорот ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент.
-Нашата соседна земја треба да ги направи неопходните промени во нејзиниот правен поредок, а пред сѐ во нејзиниот Устав. И навистина, ја презедоа оваа обврска. Според тоа, очекуваме да ја исполни. Само кога конечно ќе заврши целиот овој процес и штом се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции, тогаш ќе може да постои покана за членство во НАТО, како и било каков почеток на разговори, во однос на пристапниот процес на ПЈРМ кон Европската унија. Исто така, само тогаш ќе може да се финализира и содржината на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ и да дојде за ратификација во грчкиот парламент – рече Павлопулос, пренесе МИА.
ФОТО: EPA/KOCA SULEJMANOVIC