Пред ратификацијата и во пресрет на дефинирањето, нема да прифатиме своеволни толкувања на Договорот од Преспа, порача претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, на средбата со неговиот словенечки колега, Борут Пахор, јави дописничката на МИА од Атина.
Павлопулос ги коментираше, како што рече „неодамнешните изјави на функционери од поранешната југословенска Република Македонија“.
– Не сме подготвени во пресрет на дефинирањето и пред неговата ратификација да прифатиме толкувања на Договорот од Преспа кои што се своеволни и уште повеќе кога тие зрачат иредентизам. Потребна е голема внимателност од страна на соседната земја во целиот тект бидејќи уште ништо не е завршено. Тоа е јасно од наша страна и ќе кажам уште еднаш, како што велиме ние Грците, чистата сметка, прави добри пријатели – рече Павлопулос, пренесе МИА.
– Грчкиот претседател ги повтори и неговите позиции поврзани со трите грчки т.н. национални прашања, а меѓу нив и спорот со името и Договорот од Преспа, додека пак претседателот на Словенија го спомена Западен Балкан.
Словенечкиот претседател, Борут Пахор, на покана на неговиот грчки колега, од денеска е во дводневна официјална посета на Грција.