Павловски: Не сум бил ни уредник, ни жири, ама во мене живее житието на мојот народ

371

Творештвото на истакнатиот македонски поет, академик Радован Павловски е синоним и достоинство на македонското поетско пеење и стои рамо до рамо со најистакнатите поетски имиња во Европа и светот, истакна при претставувањето на неговиот портрет академик Луан Старова.

На синоќешното претставување во Куќата на Уранија во Охрид, во рамките на научната и уметничка визита, Старова оцени дека творештвото на Павловски е колку македонска, толку и европска и светска културна своина.

– Тој покажа како низ поезијата најубаво се брани својот мајчин, односно кодифицираниот литературен македонски јазик, јазик разбирлив, ослободен од идеолошки наслаги. Со својот јазик носи голема мисија со себе, нешто слично како италијанските автори со јазикот на Тоскана, основата на денешниот кодифициран италијански јазик – рече академик Старова.

Пред присутните акдемици, поети, културни работници, Павловски рече дека имагинацијата е оружје на слободата.

– Почнав да студирам право, ама хемијата и магијата на зборот доаѓаат и преку правото, во мојов случај – римското право. Потоа дипломиорав литература, не беше десетка, ама беше деветка, зашто на професорите им кажав дека „Дон Кихот“, може да биде напишан само во Шпанија, како што „Хамлет“ може да биде напишан во Англија, како што, во словенскиот свет, во Русија, може да биде напишан „Облоков“ на Кончаров, за сета облосовштина на нашиот свет. Секоја песна си има свој роден крај, јас во животот не сум бил ниту уредник, ниту член на жири, ама знам дека во мене и со мене живее житието на мојот народ – истакна Павловски.

Радован Павловски е застапен во најреномираните интернационални поетски енциклопедии. Неговите песни се објавуваат во сите европски поетски антологии, за него пишуваат блескави есеи врвните европски критичари. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...