Стојан Павлески кој доби три години затвор за насилството во Собранието како дел од обвинетите во случајот со тепањето на Зијадин Села рече дека казната е превисока.
– Му го спасив живот, а ме осудија на три години – рече Павлески коментирајќи ја просудата пред медиумите.
Неговата адвокатка најави жалба пред Апелација.
Цео Ѓорѓиевски кој беше осуден на една година и два месеци не сакаше да коментира пред новинарите.
На обвинетите како дел од казната ќе им се смета и времето кое го примиле во притвор. Цео Ѓорѓиевски беше во притвор од 10 мај 2017 до јуни годинава, а Стојан Павлески во притвор беше од 17 октомври лани до 6 јуни годинава. Тоа значи дека на Ѓорѓиевски му остануваат уште еден месец затвор, а на Павлески кој помина осум месеци во притвор му останува да послужи уште околу две години и четри месеци.
Затворската казна тие ќе ја извршат кога пресудата ќе стане правосилна односно кога Апелациониот суд ќе одлучи за жалбите.
За Павлески, рече судијката Славица Андреевска, казната е повисока бидејќи тој е првиот кој го пробива кордонот и влегува во прес салата во Собранието.
– Ако некој си зема за право вака да влегува и да се однесува во законодавниот дом, што се случува со останатите објекти, што се случува со домовите на граѓаните – рече судијката при читањето на пресудата.