Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради потребата од обезбедување на тајноста на постапката, а со цел да не се наштети на натамошната истрага, не е во можност да сподели детали, се вели во одговор на прашање на Плусинфо дали надлежен јавен обинител ќе отвори предмет по допрен глас, а во врска со најновите наводи дека бизнисмен од Битола пријавил рекет во странска амбасада, а наводно станува збор за сопственик на компанија која добила тендер од РЕК Битола, а за возврат, бил уценет да плати рекет во вредност од 250.000 евра во кеш.
– Кога ќе се создадат услови за тоа, јавноста ќе биде запознаена со дејствијата кои ги презема ова обвинителство – се вели во одговор од Обвинителсвото за пишувањата обелоденети во јавноста од свиркач, близок до наводно уценетиот бизнисмен од Битола.
За ова денеска се дебатираше и на собраниската седница за пратенички прашања на која пратеникот Антонио Милошоски побара одговори од премиерот Зоран Заев.
АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола велат дека немаат никакви сознанија за наводите дека „бизнисмен од Битола пријавил барање на рекет во странска амбасада”.
А, на нашето барање да ни кажат кои компании добиле на јавните набавки на РЕК на почетокот на годината не упатија на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки.
Сепак, познато е дека градежната компанијата „Пелистер“ на познатиот бизнисмен и поранешен градоначалник Силјан Мицески која и во претходната власт на Груевски најмногу се офајди од јавните набавки на РЕК Битола, го добила последниот тендер за ископ на јаглен и јаловина, потпишан од сега веќе поранешниот директор на РЕК Васко Ковачевски во вредност од 12, 6 милиони евра.