Охриѓани куртулија од домашните забушанти, сега ги нападнаа странци

Општинските власти ги охрабруваат граѓаните, ако имаат каква било информација за нелегално вршење дејност да поднесат пријава до Општина Охрид и до инспекциските служби, кои според Законот за инспекциски надзор веднаш ќе реагираат, а јавноста ќе биде информирана за затекнатата состојба на самото место.

799

Охриѓани во пресрет на новата туристичка сезона се жалат дека се онеправдани од ударот на нелојалната конкуренција и од странски државјани кои купиле куќи крај охридското крајбрежје, носеле гости од своите матични земји, но не плаќале такса.

Општинските власти за Плусинфо потврдуваат дека има странци кои купиле имот во Охрид, почнале да се занимаваат со угостителска дејност, но велат дека новите жители редовно ги плаќаат обврските, а ако има такви кои работат незаконски ги повикуваат граѓаните да ги пријават во инспекциските служби.

– Ем на свое да си, ем неправда да трпиш. Во Охрид се добредојдени сите, ама не смее никој да си игра со законот, едни да плаќаат такса, а други да се провлекуваат оти биле странци. Општината треба да ги зајакне контролите, а инспекторите почесто да се надвор, отколку во канцелариите – револтирани се охриѓани кои живеачката ја токмат според приходите остварени од приватното сместување, а башка што редовно си ги плаќаат сите обврски кон општинската власт.

 ОПШТИНА ОХРИД: ПРИЈАВЕТЕ КОЈ НЕ ПЛАЌА ТУРИСТИЧКА ТАКСА 

Има ли вистина во тврдењата дека странци се населиле крај охридските плажи, ама дека не плаќале туристичка такса ? И како Општината Охрид планира да се справи со забушантите, одговор побаравме од одговорните во секторот за туризам:

-Точно е дека одредени странски лица се стекнале со имот на територијата на Општина Охрид, некои од нив го користат имотот за сопствени потреби, а некои одлучиле да се занимаваат со угостителска дејност. Согласно тоа, тие ја обезбедиле потребната документација за вршење дејност од мал обем, а со тоа и подмирувањето на таксата за привремен престој, според остварените ноќевања. Општина Охрид, како надлежен орган за издавање на решенија и вршење на категоризација на сместувачки капацитети од мал обем, во рамки на своите надлежности може да изврши проверка или контрола само на оние лица, даватели на услуги од мал обем кои се запишани во регистарот на даватели на овие услуги – вели за Плусинфо Ѓоко Апостолов, раководител на секторот за туризам и локален еконоски развој во Општината Охрид.

Тој објаснува дека сите останати кои надвор од законската рамка вршат туристички услуги, можат да бидат контролирани од страна на општинскиот Инспекторат по претходно доставена пријава, а дека ингеренциите на контролата се во рацете на други државни служби и органи.

Апостолов ги охрабрува граѓаните, ако имаат каква било информација за нелегално вршење дејност да поднесат пријава до Општина Охрид и до инспекциските служби, кои според Законот за инспекциски надзор веднаш ќе реагираат, а јавноста ќе биде информирана за затекнатата состојба на самото место.

Општина Охрид, имајќи ги предвид големиот број  регистрирани станоиздавачи од мал обем, во рамки на своите ингеренции врши активности за сузбивање на појавата на затајување на плаќање на ТПП. Меѓудругото веќе 4 години се врши субвенционирање на 100 отсто (до 2017 беше 50 отсто) од уплатената туристичка такса со цел мотивирање на приватните станоиздавачи во целост да ја уплаќаат таксата и да пријавуваат реална бројка на остварени ноќевања – објаснува Апостолов.

Оваа година, општина Охрид, велат од секторот за туризам, има свој член во  работната група на Министерство за економија која работи на измени на Законот за туристичка и угостителска дејност.

-Предложени се повеќе мерки за намалување на овие појави, за кои се надеваме дека ќе бидат опфатени со измените на законите – велат локалните власти.

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ИНСПЕКТОРИ И ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ

 Во регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност во Охрид се регистрирани 2.144 приватни станоиздавачи со околу 13.000 легла. Во Општината тврдат дека голем дел од нив, редовно плаќале такса за привремен престој.

-Вредно е да се напомене дека општина Охрид е апсолутен лидер во Македонија во однос на регистрирани и категоризирани станоиздавачи од мал обем, при што во другите градови, вклучувајќи и туристички места, оваа бројка е незначителна или симболична, додека во одредени места воопшто не е ни започнат овој процес. Охрид како најпосетувано туристичко место во државава, реално е да се очекува и да има вакви појави кои не се во согласност со законите – вели Апостолов и додава дека е забележан пораст во прибраните средства од туристичката такса , кои согласно законот се реинвестираат во развој на туризмот.   

Во следнава табела направен е прегед на наплатата на туристичката такса за три години, од која 80 отсто оди во општинскиот буџет, а 20 во државната каса. 

 

НАПЛАТА НА ТУРИСТИЧКА ТАКСА ЗА ПРИВРЕМЕН ПРЕСТОЈ (2015-2017)                          

год.

80%

100%

2015

16.229.635

20.287.244

2016

16.466.866

20.583.583

2017

18.562.808

23.203.510

 

Контролите за наплата на туристичката такса, ја врши општинскиот Инспекторат, а, како што велат во секторот за туризам, надлежности имаат и УЈП и Пазарната инспекција.

Познато е дека инспекциските служби кубурат со вработени, не стасуваат да ги направат сите потребни проверки и совреме да ги уловат сите оние кои сакаат незаконски да заработат од гостите во Охрид.

-Сепак, мора да се каже дека општините немаат доволен број на надлежни инспектори кои би ја зајакнале контролата, меѓутоа и со нивното евентуално зголемување, согласно постојните закони сметаме дека нема суштински да се промени состојбата, па затоа веруваме дека со измени во законот во многу ќе се придонесе при ставањето во ред на овие појави – вели Апостолов.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...