„Охрид SOS“ обелодени кој го кочи прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар заштитено блатно подрачје

Рамсар номинацијата ќе додаде уште една заштитна бариера на Охридското Езеро и Студенчишко блато, бидејќи  секој степен на заштита особено меѓународна, е од непроценливо значење за регионот поради огромниот ризик од негово целосно уништување доколку управувањето и мониторингот останат исклучиво во рацете на македонските институции.

1105

Активистите на еколошката Граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ преку Отворено писмо до министерот за животна средина и просторно планирање укажуваат на противзаконското постапување од одредени лица на службени позиции.

Овие лица, како што наведуваат од „Охрид SOS“,со своето делување ја опструираат процедурата за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар заштитено блатно подрачје.

„Влатко Трпески (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП), Александар Настов (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП) и Бранко Мицевски (претседател на Македонскиот рамсарски комитет и редовен професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет), години наназад противзаконски и на штета на јавниот интерес го попречуваат прогласувањето на Студенчишко блато на Охридското Езеро за подражје што би било под посебна заштита како едно од најзагрозените низински блатни/водни живеалишта во земјата“ наведуваат од „Охрид SOS“, .

„Охрид ЅОЅ“, заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. уште во октомври 2017 година поднесоа формална иницијатива до МЖСПП за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје.

„Од низата бесмислени преписки и бесполезни состаноци со гореименуваните, вклучително и пример на недолично однесување може многу лесно да се утврди дека сите горенаведени се ставија во функција на опструирање на постапката за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како Рамсар подрачје за што претпоставуваме дека има неколку причини. Бранко Мицевски од позиција на стручен авторитет и претседател на МРК презентираше дезинформации во врска со Рамсарската номинација, како на пример: „недоволно податоци и потреба од дополнителни студии“, „податоците не смее да се постари од 10 години“, „непозната е вредноста на Студенчишко блато“, „Рамсарската конвенција се однесува само на живеалиштата на птици“, иако, дури и да нема ниедна птица, езерото и Студенчишко сепак би се прогласиле за Рамсар подрачје според останатите критериуми“, наведуваат од „Охрид SOS“

Активистите на „Охрид SOS“ во јули годинава сами изработија детална апликација со номинација, што од страна на Рамсарскиот секретаријат е потврдена како комплетна, односно оти Охридско Езеро ги задоволува сите девет критериуми на Рамсар, така што шпреостанува само МЖСПП формално да го поднесе барањето, но тоа се уште не е сторено.

„Дописот беше воедно испратен и до МЖСПП и МРК. Оттогаш поминаа пет месеци и апликацијата уште не е поднесена. Последно, во Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион стои нов, веќе четврти рок за исполнување на оваа обврска – крајот на 2020 г. за што ќе треба да се обезбедат милион денари, кои се апсолутно непотребни бидејќи апликацијата е бесплатна. Рамсарската апликација, повеќе од очигледно се опструира од клучните луѓе во процесот“, посочуваат од „Охрид SOS“.

Според нив, Рамсар номинацијата ќе додаде уште една заштитна бариера на Охридското Езеро и Студенчишко блато, бидејќи  секој степен на заштита особено меѓународна, е од непроценливо значење за регионот поради огромниот ризик од негово целосно уништување доколку управувањето и мониторингот останат исклучиво во рацете на македонските институции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...