„Охридско лето“ плаче за концертна сала

154

„Охридско лето 2018“ е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните, кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, оцени денеска на прес-конференција директорката на фестивалот, Сузана Вренцовска.

На ден пред свеченото затворање, таа забележа дека успешно е реализирано зацртаното со исполнување на целата програма и учество на околу 800 уметници од 27 земји од светот, како и полни трибини и задоволна публика по секој настан.

Вренцовска упати благодарност до сите што помогнале да се реализира 58. „Охридско лето“, нагласувајќи дека фестивалот завршува со позитивно финансиско салдо.

Годинава имало зголемување на продажбата на билети, он-лајн билети се купувале од посетители од многу земји во светот. Во однос на подобрување на условите за учесниците и публиката, санирано е гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, а за идната година Вренцовска најави реконструкција на сцената Долни Сарај, со финансиска поддршка на Министерството за култура, како и изградба на монтажни гледалиште и сцена.

– Со тоа Охрид и фестивалот ќе добијат една атрактивна сцена која ќе ги задоволува сите барања на уметниците и на самата публика. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неопходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа – истакна Вренцовска.

Проблем, рече таа, останува изградба на концертна сала со што големите настани нема да зависат од временските прилики.

– Охрид е град можеби со најголем број културни случувања и неопходноста од една концертна сала е навистина голема. Нашата културна политика е да ја доближиме културата до граѓаните, да ги збогатиме културните содржини, да придонесеме во развојот на културниот туризам преку промоција на културното наследство. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници – додаде директорката на Фестивалот.

За успешноста на Фестивалот говореа и селекторите на музичката и драмската програма, Васо Ристов и Александар Поповски.

Со понудената музичка програма, како што забележа Ристов, Охрид повторно стана вистинска културна метропола, која привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа само заради ѕвездите на фестивалот.

– Горди сме што и оваа година успеавме да ја продолжиме традицијата, најголемите ѕвезди на фестивалот да настапат со нашите национални оркестри. И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови. Во тоа и успеавме, а доминантна беше класичната музика – рече Ристов.

Тој потсети дека и годинава имале ексклузивни проекти на кои учествуваа легендарни имиња од светската музичка сцена, како Николај Лугански великан од пијанистичката фела, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, од Русија…

Поповски изрази задоволство од она што беше прикажано во драмскиот дел, но и жалење што македонски претстави биле малку застапени. Најави дека за следната година ќе работат на тоа да договорат гостувања на повеќе македонски театри.

– Забележав дека публиката реагира на различни типови жанрови и оти охридската публика сака да гледа добар театар со глума, односно класично во позитивна смисла. За следната сезона ќе посветиме внимание на тоа – истакна Поповски.

По 40 дена фестивалска програма, 58. „Охридско лето“ ќе заврши утре со претставата „Илијада“ од Хомер во режија на Јернеј Лоренци, копродукциски проект на Словенешкиот народен театар СНГ Драма Љубљана, Цанкарјв дом и Градски театар од Словенија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...