Советот на Општина Охрид утре ќе одржи вонредна седница на која ќе биде изгласана одлука понеделник да биде прогласен за ден на жалост во Охрид.
Комеморативна седница по повод ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски ќе биде одржана во понеделник со почеток во 10 часот.
Посмртните останки на охридскиот градоначалник ќе бидат изложени во Градската капела во понеделник од 12 часот, а погребот е закажан од 14 часот на Градските гробишта во Охрид.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски утрово бил во својот кабинет, каде одржувал работен колегиум, по што доживеал здравствени проблеми и бил пренесен во Општата болница. Од Интерно одделение на болницата бил транспортиран во Кардиолошки завод, а починал во време на транспортот.
Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, по победата во првиот круг од Локалните избори.
Стојаноски, роден на 7 август 1970 година во Охрид, беше оженат и татко на две деца.