Програмата за годинешното издание на Оф-фест е од оние после кои, како што вели Оливер Белопета, „ќе се прашуваме како ќе го направиме следното“. Со концепт каде носители се велшката харфистка Финч и сенегалскиот кора мајстор Кеита, Крсте Роџевски со неговите њујоршки пријатели, големата пејачка ѕвезда Фатумата Дијавара, Басеку Кујате и НГОНИ БАН, либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза, колумбијците ROMPERAYO, SONDORGO, еден од водечките претставници на тамбурашката музика во Унгарија, но и нашиот виртуоз на труба Џамбо Агушев со својот оркестар, 18. издание на Оф–фест ќе се одржи од 3 до 8 јуни. .
Во овој период, на неколку сцени во Скопје, Македонска опера и балет, Младински културен центар и клуб „Епицентар“, кадешто ќе биде и завршницата на ова издание со ди-џеј сетот на Daddy G од MASSIVE ATTACK, кој својата кариера и ја започнал како диџеј, ќе видиме богата програма, од африканска, европска, колумбиска, до балканска, но и интересно вкрстување на стилови, музичари и инструменти.
Катрин Финч од Велс која ја сметаат за кралица на харфата и најдобра харфистка на сериозната музика во светот и синегалскиот кора мајстор Секу Кеита в понеделник во МОБ ќе го отворат фестивалот во МОБ.
Во рамките на Оф-фест ќе можеме за првпат кај нас да го видиме македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, а своите почетоци ги бележи во 90-те години во Битола. Зад себе има три албуми, а последниот е оценет како еден од најдобрите.
В рамките на фестивалот, во вторник во киното „Фросина“, традиционално, ќе може да погледнеме и еден релативно нов документарен филм, „Mali Blues“. Филмот, како што рече Белопета, ја прикажува сегашната состојба во Мали, од безбедносен и политички аспект и борбата на музичарите за слобода…
Она што организаторите го најавија како своја омилена вечер, на 7.јуни, е проектот „Љубов и одмазда“ (Love and Revenge) на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Во проектот се користат египетските и арапски филмови од најславниот период на таа кинематографија, со многу електроника и танц. Истата вечер концерт ќе има и групата „Ромпарео“ од Колумбија. За сабота е најавена завршната журка во клубот „Епицентар“ која почнува после полноќ.