Во Псаридис утре Владите на Република Македонија и на Република Грција ќе го потпишат договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, соопшти владината прес- служба.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ја предводи делегацијата, на свечената цермонија која ќе се одржи на македонската и на грчката страна на Преспанско Езеро.
Во составот на македонската делегација, како што е соопштено, ќе бидат и вицепремиерите Радмила Шекеринска Јанковска, Бујар Османи, Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Планирано е нив во Псарадес, да ги пречека Претседателот на Владата на Република Грција Алексис Ципрас и грчката владина делегација. Таму, министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.
На делот од заедничкиот настан на свечената церемонија во Република Грција, свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.
Според агендата на настанот, официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.
За време на целата церемонија, и во Република Грција и во Република Македонија, ќе присутсвуваат Потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини,и Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.