ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош ќе добие сензорна соба

Богоев посочи дека во еден од новите реонски базени во Карпош ќе биде развиена и програма за часови по терапевтско пливање.

819

Поддршката за лицата со посебни потреби и подобрување на условите во кои живеат како  еден од приоритетите на Општина Карпош, беше повод денеска да се склучи Меморандум за соработка меѓу Општина Карпош и здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“.

Потписниците се обврзаа да имаат заеднички проекти во насока на заштита на децата и лицата со посебни потреби, унапредување на нивниот психофизички развој, социјализација и интегрирање во сите процеси.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа и претставниците на „Дајте ни крилја“ веќе разговарале за создавање сензорни простории – наменски, сензорни соби за децата со посебни потреби во основните училишта низ Карпош.

– Нашата цел е целосно да ги вклучиме учениците со посебни потреби во нормалното и тековно следење на наставната програма. Овие сензорни соби ќе го олеснат престојот на учениците во училиштата бидејќи ќе бидат опремени со посебни уреди, опрема и реквизити за овие ученици – рече Богоев.

Претседателката на здружението, Ребека Јанковска – Ристески го истакна своето задоволство од воспоставувањето на механизмот за соработка со Општина Карпош, со надеж за партнерство на голем број проекти и конкретна помош и поддршка на лицата со посебни потреби.

Едно од училиштата кое ќе добие сензорна соба е ОУ „Димо Хаџи Димов“, кое е пример за образовна установа во поглед на успешната инклузија на лица со посебни потреби.

Богоев посочи дека во еден од новите реонски базени во Карпош ќе биде развиена и програма за часови по терапевтско пливање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...