Македонија се обидуваше да се хармонизира со претставата за себе, а светот се трудеше таа да се хармонизира со себе. Во огромната разлика на овие стандарди, се раѓаше основната динамика на македонската транзиција, од едно неслободно, но пристојно државиче во југословенското окружување, кон новите историски предели во кои на опстанокот ќе може да се смета само како на колатерала на општата пљачка, на безумието и примитивноста, најголемите таленти што народот и неговата елита ги открија во пресно освоената слобода и балкански сфатената демократија.
Имаше, се разбира, моменти во кои бевме многу близу со мерките на светот. Уставот е еден таков момент, но не затоа што во него ја немаше македонската претстава за себе, туку затоа што светот не беше начисто со својата претстава за Македонија. Потоа дојдоа Лисабонската и Единбуршката, ми се чини, декларација на Европа во врска со името како почеток на една мачна голгота низ која Македонија, наспроти јавните колнења, ќе успее не да го одбрани својот интегритет и дигнитет, туку да се испокраде од внатре и да се декомпонира и да се сведе на апстракција, оставајќи им ја на луѓето претставата за себе и за својата држава и нација како празна вреќа ничега.
Приемот во Обединетите нации под референцата беше редок израз на реализам во македонската политика, но неговата интерпретација ја врати нацијата во лулката на претставата за себе. Рамковниот договор од Охрид беше акт на хармонизирање на државата со својата внатрешна суштина, а тоа значеше ослободување на македонската етничка компонента од дел од присвоените монополи во уставната и во политичката сфера. Арно ама, под дејство на оружената сила и на меѓународната интервенција, не како резултат на сопствената визија.
Основа за консолидација
Врв на судирот на македонската реалност со претставите за себе беше единаесетгодишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ. Време во кое Македонија со помош на претставите за себе се обиде и безмалку успеа, да се изеде самата себе. Остатоците од тоа злосторничко здружување и денеска егзистираат како политичка опозиција, што е само по себе знак дека не сме се откажале од лагата за себе.
И, ете така, дојдовме до Софија и до договорот меѓу Заев и Ципрас. До, опцијата која, како што рекоа двајцата лидери, била прифатлива за двете страни. Комплетно решение, рече Заев пред Меј.
Јас мислам дека тој договор е можеби најзначајниот политички акт во независна Македонија и еден од најзначајните во целокупната нејзина историја. Тој е основа за симнување од дневен ред на едно важно прашање, тој е нешто како отчепување на затнатата артерија на македонскиот организам, како симнување на едно тешко бреме од грбот на Грција и основа за консолидација на европските политики на Западниот Балкан.
Јас го пишувам ова без да ја знам содржината на решението. Можам да правам така затоа што од почетокот на овој процес за мене не беше важно какво ќе биде името и каков ќе биде опсегот на неговата употреба, затоа што тие работи ми изгледаа како бесмислена грижа на една дефлорирана жена по својот јунфер, туку решението како такво. Сè беше спротивно од појавноста: решението како такво беше единствениот и најважен политички пробив и идентитетска одбрана, а одбраната на името беше галоп кон политичкиот пораз и основа за девастација на идентитетот. Во изминативе триесет години македонскиот идентитет е проблематизиран до крајни граници, не поради грчката агресија, туку поради бесмислената македонска одбрана.
Овие скици, се надевам, овозможуваат да се сфати величината на пресвртот во македонската позиција, што во многу краток рок и во многу деликатни внатрешни, политички, социјални и културни констелации, е направен под раководството на Заев и оперативните овластувања и реализации на Димитров.
Нивната спремност да ја преземат иницијативата и со неа сите ризици, да излезат од топлата и комотна позиција на „името не го даваме“ на бришаниот простор на растурените митови и стереотипи, е голема работа што ги заслужува сите наши адмирации, а јас верувам дека и светот ќе најде начин да им одаде признание.
Менаџирање на договорот
Клучна импликација, се разбира, ќе биде отворањето на евроатлантските перспективи за земјата, како политички, безбедносен и вредносен блок, како контекст во кој се симнува од дневен ред не само прашањето за името, туку комплетното македонско прашање во својата класична форма, како давеник што на тој начин се вади од балканското шовинистичко мочуриште и се праќа на рехабилитација во Баден Баден или во Ардените, цум бајшпил.
Но, освен тоа јас мислам дека клучно ќе биде освестувањето за хендикепите кои на луѓето, на Македонците посебно, им ги диктираше нивната претстава за Македонија, нивната лажна претстава од која сакаа да направат политички концепт. Нашата драма извираше од обидот лагата за нас да ја концептуализираме политички.
Договорот од Софија ќе ни помогне да се ослободиме од вишокот Македонија, од делот што нè држеше како робови, од делот што ги пумпаше контата на разноразни бандити и хохштаплери, на сметка на граѓаните. Јас мислам дека се отвораат перспективи во кои Македонија ќе ги загуби моќите да ги држи во неслобода граѓаните и да ги експлоатира, не само финансиски, туку и културно и ментално, и во кои граѓаните ќе можат да ја користат таа нормализирана Македонија како платформа за сопствените афирмации и преку нив за афирмација на самата држава. Македонецот, да го парафразирам тука Гомбрович, ќе станува толку повеќе Македонец, колку што ќе ѝ биде помалку верен на Македонија. Затоа што само таа дистанца го ослободува, а ослободувањето го македонизира на повисоко ниво.
Останува прашањето за внатрешното менаџирање на договорот. Како лагата за Македонија во ликот на пучистот од Водно и главната опозициска партија како световна деноминација на злото, ќе се однесуваат кон вистината за Македонија. Без митот тие се како без храна. Нивната мисија е политичка концептуализација на митот, што е по дефиниција декаденција, општ грабеж, растур и пропаст. Ќе видиме, можеби во благоста на Заев и во тој поглед ќе се најде некое решение.
Нема неприфаќање
Еве ги контурите:
Договорот може да биде реална и најквалитетна можна основа за интеграција на општеството во сите сегменти: етникуми, партии, граѓански сектор, бизнис сектор, култура, медиуми. Треба ли да ве уверувам каква електрификација на полумртвиот организам ќе следи, какво богатство, каков живот. Нема друга тема на која остатоците на ВМРО-ДПМНЕ можат потемелно да се рехабилитираат и да се нормализираат. Заедно со свеста за катастрофата што ја направи старото раководство.
Деталите, како што се обемот на употребата на новото име или обврските околу промената на уставот, се совршено неважни.
Од друга страна, договорот може да биде основа за дефинитивна диференцијација со атентаторите, тивките и погласните убијци на Македонија. Кои денеска ги трпиме имено затоа што сме робови на лажната претстава за себе.
Тоа е добра и здрава основа за диференцијација.
Заев прави добро што ќе оди на консултации пред да го објави решението. Таков е редот. Но, тие консултации не се за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ или пучистот од Водно го прифаќаат договорот или не, туку околу финесите на неговата реализација. Нема неприфаќање. Ако не прифаќаш дека возот за Брисел пичи 300 на час, слободно излези, прошетај се, измочај се покрај онаа бандера, па врати се во купето.
Стоко.
Тоа значи дека договорот мора да се објави, било како основа на интеграцијата, било како основа на диференцијацијата.
Заев вели дека нема да има дестабилизација ако не се прифати.
Да, но тоа не значи дека нема да пропаднеме.
Тивко, стабилно втемелени во својата глупост.
Сакам да кажам: нема неприфаќање на договорот!