Вчера околу 8 часот во атарот на село Црвени Брегови на место викано Бунарот, беа пронајдени две мртви птици од видот на Царски орел (Aquila heliaca). Царскиот орел е редок вид птица строго заштитен со законот за природа и законот за ловство во нашата држава и е дел од црвената листа на видови во изумирање на Европа, информира Емануел Лисичанец од Здружението за зачувување на природата од Кавадарци.
– На една од мртвите птици од страна на ММЕ –Унгарскиот Birdlife Internacional, беше прицврстен сателитски предавател со помош на кој во последниве 5 години беше следено нејзиното движење и животните навики. Тоа им помагаше на научниците подобро да ги проучат карактеристиките на видот. Заради тоа загубата на оваа птица е уште посериозна. На тој начин беа и пронајдени телата на мртвите птици, следејки го сигналот од предавателот – појасни Лисичанец.
Според знаците видливи на телата на мртвите птици (згрчени канџи и исцедок од носната шуплина) се претпоставува дека причина за смртта на птиците е отровна мамка.
– На оддалеченост од околу педесетина метри од позицијата на која се наоѓаа мртвите птици исто така е пронајдено мртво тело на Шакал (Canis aureus) што уште повеке ја потврдува претпоставката дека животните се жртви на илегална употреба на отровни мамки како дел од борбата на лугето со предаторите. И Шакалот исто така е трајно заштитен вид со законот за ловство – додаде Лисичанец.
Заради насилната смрт на овие заштитени видови на животни, биле повикани и на терен излегле полициски инспектори од МВР Неготино и регионален ветеринарен инспектор од Кавадарци кои направиле увид на лице место. Телата на птиците и Шакалот се испратени на анализа во институтот за ветерина во Скопје.
– За жал илегалната и неконтролирана употреба на отрови заради секакви причини е широко распространета и прави огромни штети во природата. Употребата на отрови е насочена кон волците, лисиците и кучињата скитници, но за жал најчесто жртви се многу други корисни, ретки и загрозени видови на животни. Како резултат на труење во последниве десетина години популацијата на птиците мршојадци е доведена на критична точка пред исчезнување од нашата територија и покрај огромните напори на поединци ентузијасти за нивно зачувување. Многу тешко се доаѓа до информација за случаи на труење, така да голем дел од нив се провлекуваат незабележани или пак се дознава предоцна – вели Лисичанец за Плусинфо.
Тој додаде оти се надева дека сторителите на ова труење ќе бидат пронајдени и соодветно казнети.