Отруени души

Што ни кажува тој божји каприц? Или, ако сакате, неправда? А што друго освен дека има испустени и отруени души кои влечат, зад себеси, „ситни пороци“ (пак Конески) на една, а раскошни и блажени, на друга страна.

1175

На едно место, во својата „Крлежологија 4“ загрепскиот филозоф Станко Ласиќ во детали објаснува зошто секое „оригинално (индивидуално) постоење – особено секое автентично што значи, во добар дел, острастено литературно дело – може да се доживее како бласфемија, како најтешка навреда, како уривање на највисоките вредности, како негација на туѓо, најдлабоко Јас.“ (70).

Значи, според авторот на петтомната „Крлежологија,“ има точка на која се сечат животот и литературата, на која стануваат едно. Токму таа точка допушта да се рече дека секое „оригинално постоење“ е, во некоја рака, литература. Како што секоја „автентична литература“ е нешто како „оригинално постоење“ кое огромниот сив, серијален, анонимен просек го доживува „како бласфемија, како најтешка навреда, како уривање на највисоките вредности.“

Тешко е, барем сега засега, да се рече колку и, особено, по што премиерот на македонската влада Заев е „оригинално постоење.“ Но затоа пак станува сè поизвесно дека е на видело оригинална политичка фигура која жнее ловорики по Европа и светот. Таа жетва никако да заврши по потписот на оној „Преспански договор“ со премиерот на грчката влада Алексис Ципрас. Таа ја вади од кожа нашата опозиција под водството на Х. Мицкоски. Таа е моќниот, неисцрпен извор на нејзинота болна, атавистичка завист која ни не се крие. Иако упорно се скрива зад тенкиот превез на громогласна „врева и бес“ (Фокнер).

Само што дојде до кормилото на „најголемата политичка партија“ која била, пак според зборовите на Мицкоски, „есенција“ на македонската нација и држава, водачот на еснцијалната опозиција го продолжи (и надгради!) векот на една омилена инвектива/бласфемија („аболицираниот криминалец Заев“) која не ја вадеше од уста неговиот децениски вожд Груевски. Што од благодарност кон шеф кој го хиротониса на ритуален Валандовски конгрес, што од насушната потреба да задржи на купче инертно и послушно мнозинство кое тргнува по нов вожд само ако гледа стар под кожата на нов, тој Мицкоски ја вртеше плочата „аболициран криминалец“ сè до онаа амнестија на неговите наследени боевици Муковски, Василевски и Арнаудовски. Потоа ја тргна.

Сега врти друга плоча затоа што наближуваат претседателските избори. „Так нармàљна,“ тој си има своја добитна комбинација (Гордана Силјановски) која сигурно „ќе победи.“ Таа победа, грми, ќе биде само увод во друга, поважна и поголема, победа на „предвремените или редовни“ парламентарни. Таа ќе го фрли на буниште на историјата црното „црнило заевизам.“ Прононсираниот од мерата надвор есенцијалист Мицкоски на особен начин, против својата волја, сепак ни вели:

„И във свойта вяра сам не вярвам аз.“ (Димчо Дебељанов).

На друго место („Гериз-реторика“) објаснив дека тоа што знаменитиот загрепски филозоф Ст. Ласиќ го нарекува „бласфемија, како најтешка навреда“ не е ништо друго освен еден „емотивен излив“ со разорна сила кој носи сè пред себеси, лишен од елементарна порака; објаснив дека е „порив кој за смисла не прашува“ (Конески). Пропуштив, меѓутоа, да уточнам дали само „оригиналното  постоење“ е „најтешка навреда“ за послушен, инертен и анонимен просек кој не само што наоѓа туку и обликува свој портпарол во лицето на вожд?

Вистина е дека оригиналноста и автентичноста се нешто како отров за просечна, сива и серијална фигура која копнее да биде многу повеќе од тоа што е. А копнее затоа што „човекот е единственото животно што не сака да биде тоа што е“ (Ками).

Ама, од друга страна, ако на секој човек му е дадено да копнее по „нешто повеќе од себеси“ (слава, Ehrsucht во речникот на Кант), не на секој му е дадено и да дојде до тоа по кое тивко, стрпливо и кротко, или гласно, громко и  агрсивно (како Мцкоски, на пример) – копнее. Има ретки луѓе на кои Господ им дал многу. Дури – сè! Но има и такви на кои истиот тој Господ им дал малку. Или, дури, ништо! А пак таквите се, згора на тоа, непрегледно мнозинство.

Што ни кажува тој божји каприц? Или, ако сакате, неправда? А што друго освен дека има испустени и отруени души кои влечат, зад себеси, „ситни пороци“ (пак Конески) на една, а раскошни и блажени, на друга страна. И што уште ни кажуваат тој каприц и непревда? Тие ни кажуваат: ако не повеќе, тогаш барем исто толку е отруена од себеси душа која влече со себеси „ситни пороци“. Или, не само оригиналот на политичката фигура Зоран Заев кој сега жнее ловорики е смртоносен отров за навредениот шеф на опозицијата. Во прашање е и неговиот човечки, „премногу човечки“ (Ниче)  копнеж кој, во догледна иднина, нема ама баш никакви изгледи за некои ловорики. Мислам, политички.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...