На почеток, како што е редот, посакувам среќна Нова 2020 година, исполнување на сите наши искрени желби во неа, како и во целата декада која е пред нас.
Минатата 2019 година ја испративме со метлата на јавната администрација, мислам на онаа еколошката, за собирање на сметот кој сите го оставаме зад себе. Новата ја дочекавме со тон петарди, ракетки и разно-разна пиротехника која ечеше и смрдеше од секое ќоше, па откако се „изнапукавме“ се чудевме како ПМ честичките истата вечер одеднаш станаа 5 до 7 пати повисоки.
Исто така стандардно, се разбудивме „шокирани“ како дури 29 луѓе завршиле на Токсикологија и тоа на возраст помеѓу 29 и 64 години. Се сложувам дека е неубава информацијата, ама ако земеме предвид дека додека статистиката вели дека 450 илјади луѓе едвај си дозволуваат по еден оброк на ден, останатите се забавуваме и јадеме за празниците како да секој од нас носи близнаци и според народната „треба да јаде за тројца“, податоците за бројот на поминати на Токсикологија можеби и не е толку лоша.
Секој обид за малку шега на овие теми мислам дека треба да го оставиме настрана, особено ако се потсетиме дека минатата 2019 година ја заокруживме со едно обемно истражување на Вестминстер фондацијата за демократија за размислувањата на младите.
Секако, како што е веќе востановена пракса кај нас, се јавија двата релативизаторски табора: едните кои побрзаа да кажат дека резултатите од ова истражување се поразителни поради децениската политика на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, како и другите кои поитаа да ни кажат дека ваквите резултати се уште еден доказ за последиците од владеењето на СДСМ и Заев.
Што би рекла една анегдота за Јосип Броз Тито, и двата табора сте во право. Колку и да е тоа парадоксално, нека ви биде по ќеиф, ама должен сум да ве потсетам дека токму политизацијата на ставовите и барањата на младите изминатите три децении нѐ доведе таму кај што сме: со иселена младина или млади луѓе кои во вртоглаво високи проценти (59% според ова Истражување) сонуваат да ја напуштат нашата земја бидејќи не гледаат перспектива. Навистина се прашувам каде да ја гледаат во вака поставениот црно-бел партиско-комуникациски свет?
Дајте да олабавиме малку и да си го ставиме прстот на глава. Да се запрашаме зошто се бројките навистина такви и како тоа да го промениме, а не да водиме гола партиска ПР пресметка. Какви политики да водиме во образованието, економијата, но и како да градиме долгорочни политики…
Каде се младите денес во нашата земја? И која е возрасната граница некој да се нарече млад?
Потребна е малку искреност и самокритичност која ќе нѐ натера да си признаеме дека немало млад политичар или политичарка кои изминативе децении до денес не сме ги исмевале и веднаш сме ги прогласувале дека се неспособни, само затоа што не им побелела косата. И на ваквите трендови најчесто им кумувале политичар(к)и со амбиција да останат вечно во политиката и власта, макар сè околу пропаднало. Секако, јас не велам дека секој млад човек е способен да биде градоначалник или министер, но не може веднаш на прва никој да не ни чини.
Како да изградиме млади луѓе кои ќе го менуваат општеството кога од најмали нозе од дома децата ги учиме дека секој кој има пари или приватен бизнис е нечесен? Какви генерации млади очекуваме да произлезат кога во училиштата не ги учиме за различности и интеграција, туку како да се поделат по етничка припадност, финансиска состојба. Каква младина ќе излезе на пазарот на трудот кога во целиот систем (дома, градинка, образовни институции) отворено ги советуваме да гледаат да се „пикнат“ во јавната администрација, наместо да учат да отворат свој бизнис? Впрочем, што сакаме од општество кое уште за највисок дострел смета создавање на генерации ерудити и сваштари, на кои им се потиснуваат талентите и афинитетите на сметка на општествените трендови.
Еве ќе ви дадам само еден пример за последново: пред 20 години кога се запишував на Правниот факултет во Скопје бевме над 1.000 студенти во прва година, а на дел од техничките факултети не се успеваше да се пополни ниту државната бесплатна квота. Денеска, на ФИНКИ се запишуваат над 1.000 студенти, а на општествените факултети бројката бруцоши речиси секоја година се намалува. Јасно ми е дека е тренд, дека ИТ секторот е перспективен, со плати од илјадници евра и слично. Ама, да бидеме реални, зарем сите бевме тогаш талентирани за право и економија, а денес сите се со афинитети за ИТ?
Не, туку немаме образовен систем кој ги препознава афинитетите и талентите на децата и учениците од најмали нозе. Не треба никогаш да заборавиме дека човек кој си ја сака работата многу побрзо напредува и ќе заработи многу повеќе пари од оној кој студирал перспективен факултет, но нема афинитет да ја работи таа професија.
Образование без практична работа и вештини во овој век не бидува. И треба час поскоро да го реформираме. Ако не им даваме шанси на младите додека учат и студираат да се обидуваат и да прават грешки во работата, тогаш грешките ќе ги прават во зрелите години или, пак, никогаш нема да научат да работат и ќе бегаат од обврските. Колку и да не им е право на моите и генерациите пред мене, вработување без ден работно искуство во овој милениум е многу трагично за работните навики на младите. Било тоа некогаш, денес е тоа недозволиво. Да не ги учиме и задојуваме со вредностите од други времиња, барем доколку навистина им мислиме добро на нашите деца и внуци.
Сепак, што е многу важно? Дефиницијата за млад човек во нашето општество. Дали тоа е сѐ уште некој кој ќе купува прво бурек, па јогурт, потоа ќе биде калфа, па потрчко… И така додека да наполни едно 50+ години, па можеби и ќе му дадеме шанса да раководи некаков тим, бизнис или институција.
Каква порака со ова праќаме на најмладите, оние во училишните клупи и на тие кои студираат во факултетските предавални? Се прашувам дали сме ние свесни дека денес младите можат да завршат магистратура на 24 години. Се станува инфлуенсер на 14 или 15 години, а со незавршено средно образование тие можат преку Јутјуб или ЛинкедИн да станат едни од најпопуларните вокали, дизајнери, гејмери или научници!
Или замислете како изгледа во очите на еден млад човек од околу дваесетина години кога гледа дека на 30 или 40-годишен човек му велат да се стрпи за да напредува, води, или да одлучува за својата и иднината на општеството во кое живее, само затоа што е уште „млад“. Како е само некој млад на 40 години, тоа се прашувам.
За баба ми на свои 90 години, вујко ми и мајка ми сѐ уште се деца. Големи, возрасни, денес веќе и тие пензионери, но засекогаш ќе бидат нејзини деца. И тоа е нормално во едно семејство.
Но, во деловни односи, далеку од природно и прифатливо. Сум пишувал и во многу други прилики. Јас не сум од оние кои сметаат дека возрасните луѓе немаат своја вредност во работата. Напротив, имаат огромна и непроценлива вредност. Но, решавајќи се (не)свесно да не им даваат шанса на веќе зрелите генерации не си прават услуга себе си, а уште помалку на општеството и на оние кое се вистински млади.
Ако сакаат искрено да ги менуваат работите, ќе мора постепено да го отстапуваат своето место, но да бидат тука за поддршка, совет и менторство. Само така може да се изгради мешан генерациски, односно успешен тим.
Секако, најважно е да покажеме со прст и на главните виновници за ваквите состојби. Секако, тоа е секој од нас, но истовремено малку повеќе вината е кај сите политички елити во нашата земја, кои многу бавно се менуваат и функционираат неприлагодено на новото време и потреби на сегашните генерации.
Затоа и најновото истражување на Вестминстер фондацијата за демократија покажа дека 63% од младите сметаат дека сите политички партии се исти. Понатаму, едвај 7% велат дека се членови на политичка партија, а само 20% се симпатизери. Или, ако сакате да зборуваме поинаку: високи 73% изјавиле дека не се членови, ниту симпатизери на било која политичка партија во земјава.
Снемува публика, драги политичари и политичарки. Статистиката јасно кажува дека ако не се менуваат работите, за неколку децении во партиите ќе остане само „клиентелата“ шетачи од партија во партија од само за нив познати интереси. Младите очигледно нема да одат во вакви партии, но што е пострашно, ако продолжиме вака, нема да останат во државата.
Некој, а најдобро сите заедно ќе мора да кажеме доста е и да се отрезниме. И да се запрашаме колку многу треба за да стане премногу?
Имајте убав празничен и продолжен викенд!
(авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)