Откриени 5 случаи на рак на дебело црево со тестовите за скриено крвавење

Алармантно е што речиси кај половина од испитаните граѓани, односно кај околу 9.000 лица, било утврдено скриено крвавење кое може да укажува дека веќе почнале промени на дебелото црево

2126

Откриени се пет случаи на рак на дебело црево во почетна фаза и 208 лица со почетни промени со тестовите за скриено крвавење, кои се вршат во рамки на скринингот за рано откривање на ова заболување, потврдуваат од Институтот за јавно здравје на РМ.

Во текот на овие шест години со овие тестови биле контролирани 23.589 лица од целата земја, почнувајќи од 2012 до минатата година. Алармантно е што речиси кај половина од испитаните граѓани, односно кај околу 9.000 лица, било утврдено скриено крвавење кое може да укажува дека веќе почнале промени на дебелото црево.

Најновите податоци од Институтот за јавно здравје на РМ се дека од јануари до септември оваа година со ФОБ тестови биле тестирани 1.532 лица во земјата, позитивен наод бил откриен кај 663 граѓани, додека кај еден бил дијагностициран преканцерозен наод. 

– Вкупно 9188 лица од тестираните 23.589 имале позитивен ФОБ-тест – значи било утврдено скриено крвавење (крв во изметот), а 208 лица имале позитивен наод, додека петмина граѓани кои се тестирале дознале дека веќе имаат преканцерозен наод на дебелото црево – информираат од ИЈЗ.

Институтот за јавно здравје од 2012 година го спроведува овој скрининг за рано откривање на рак на дебело црево, а тестирањето со бесплатни ФОБ тестови се врши во центрите за јавно здравје.

Лекарите велат дека ФОБ тестот е многу важен за рано откривање на рак на дебелото црево и дека секако треба да се направи.

– Генетскиот фактор е многу битен бидејќи влијае на појава на овие заболувања. Но ФОБ тестот е секако битен бидејќи со него се открива окултно (скриено) крвавење кое е еден важен симптом, кој упатува на можноста дека причина за крвавењето е или полип или аденом, кој може да прерасне во карцином. Или, пак, веќе станува збор за  карцином на дебело црево. Штом крвавењето се докаже со тестот, се препорачува задолжително да се направи колоноскопија. И да не е позитивен ФОБ тестот, штом има крвавење, „златен стандард“ е да се направи колоноскопија, за да се исклучи друга причина за појава на крв во столица. Односно дека крвавењето не е од хемороиди, што пациентите често го посочуваат како можна причина, а зад тоа да се крие карцином. Според протоколот, колоноскопија се препорачува кај постарите од 50 години – тоа е правилото – советува д-р Горан Беговиќ, специјалист по абдоминална хирургија на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...