Откриени три новосоздадени планети скриени во нашата галаксија

Новите наоди се најсилни докази дека постојат нови светови кои се формираат во нашето галактичко соседство.

696

Три планети бебиња се пронајдени за првпат во нашата сопствена галаксија, обелоденија научниците.

Тие се најмладите планети што некогаш биле видени и претставуваат откритие кое е „на границата на непознатото во науката“. Истражувачите користеле сосема нова техника за да ги пронајдат новоформираните светови околу една млада ѕвезда која е релативно блиску до нашата.

Тие сега се надеваат дека можат да најдат уште повеќе непознати светови, користејќи ја истата техника. А откритието може да фрли светлина врз тоа како планетите се формираат во најраните фази.

Илјадници егзопланети веќе се откриени, во голема мера со користење на космичкиот телескоп Кеплер, кој ги следи затемнувањата на светлината што ги предизвикуваат тие додека минуваат пред нивната ѕвезда. Но, протопланети од ваков вид не можат да се најдат со користење на овие техники.

– Иако во последните неколку децении се откриени илјадници егзопланети, откривањето на протопланетите е нешто ново за науката – вели Кристоф Пинт од Универзитетот Монаш во Австралија и водечки автор на еден од двата труда.

Научниците ги пронашле планетите така што барале нарушувања во диск полн со гас околу една ѕвезда. Тие барале одреден вид на светлина што се емитира од движењето на јаглерод моноксид – што им овозможило да разберат како гасот во дискот се движи во круг.

Ако во дискот нема планети, тогаш гасот ќе по движи со едноставна, предвидлива шема. А, необичното движење сугерира дека има некое големо тело таму.

– Беше потребен релативно голем објект, како планета, за да се создадат локални нарушувања во ова инаку уредно движење – рече Пинте. „Нашата нова техника го применува овој принцип за да ни помогне да разбереме како се формираат планетарните системи”.

Тие видоа три вакви нарушувања, за кои се смета дека се предизвикани од различни планети.

Постојат и други потенцијални објаснувања за податоците што се добиваат од ѕвездата. Но, новите наоди се најсилните докази дека постојат нови светови кои се формираат во нашето галактичко соседство.

Откритието беше направено со анализа на слики испратени од моќните телескопи кои се насочени длабоко во галаксијата, на начин кој никогаш досега не бил направен.

– Погледнавме во локализираното споро движење на гасот во протопланетарниот диск на ѕвездата. Овој сосема нов пристап може да ги открие некои од најмладите планети во нашата галаксија, благодарение на сликите со висока резолуција од АЛМА – вели Ричард Тејг, астроном на Универзитетот во Мичиген и главен автор на другиот труд.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...