Митрополитот Европски, Пимен, се приклучи на кампањата „Излези ЗА европска Македонија“. Ставот на отец Пимен за референдумот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
Во кусото видео обраќање, владиката Пимен вели дека референдумот на 30 септември е историска шанса кога одлучуваме за иднината на земјата и затоа тој ќе излезе и ќе гласа „за“.
– Во овие историски моменти за Македонија кога одлучуваме за иднината на својата земја потребно е секој секому да подаде рака, да ги надминеме сите разлики и кавги меѓу нас, и да се обединиме во идејата за европска иднина на нашата земја. Ова е истриска шанска која не смееме да ја прошпуштиме. Затоа на 30-ти ќе излезам и ќе го дадам својот глас „за“ – наведува владиката Пимен во видео пораката.
Критичарите на Владиката реагираат со вулгарни напади и осуди кон него.
„И да го дадеш (гласот ЗА на рефрендумот)… како инаку ќе те бричиме … на суво .. и така никој не те есапи !!!“- стои во едена од реакциите.
Има и такви кои му упатуваат клетви, но и барања да ја симне свештеничката одора.
Владиката пак, им одговори:
– Кога јавно ќе искажеш став (правилен или погрешен ќе покаже историјата, а дотогаш бадијала ќе се кршат копја) свесен си дека право на свој став имаат и сите луѓе кои живеат во демократско општество. Очекуваш и дека ќе има и мајки и шајки и дискредитации и исмевања и лутења и плукања.
Додуша очекуваш и малку поаргументирани ставови во таа борба на мислења, ама сфаќаш дека првин се учи домашна култура, па потоа демократија.
Во некој стадиум на демократијата се раѓа и патриотизмот (да си ја сакаш татковината и твоите по род).
И бираш Стар или Нов Завет за да одговориш со око или со образ. И нормално им посакуваш
Бидете ми живи и здрави!-пишува Отец Пимен.