Откако руската крајбрежна стража заплени три украински бродови во Црното Море во близина на Крим во неделата и употреби оружје за да ги принуди да запрат, Русија го отвори теснецот Керч во близина на Крим – објави агенцијата „РИА Новости“.
Генералниот директор на пристаништата на Крим, Алексеј Волков, како што јави ТАС, изјавил дека „ситуацијата е нормализирана, во овој момент. Пловидбата низ каналот Керч е повторно воспоставена и нормално функционира“.
Русија го блокираше теснецот Керч во неделата и притоа запленети три украински брода за кои изјави дека илегално влегле во територијалните води на Русија.
Инцидентот се случил во Керченскиот Теснец на влезот во Азовското Море, при што имаше и ранети, а кој предизвика голема ескалација во таа чувствителна зона.
Поради ситуацијата во Керченскиот Теснец, секретарот на Советот Александар Турчинов, во текот на ноќта соопшти за предлогот на претседателот на земјата Петро Порошенко да се воведе воена состојба во траење од 60 дена. Тоа прашање ќе биде разгледано денеска во Врховната Рада, која ќе одржи седница во 16:00 часот по локално време, соопшти претседателот на парламентот Андриј Парубиј.
Порошенко рано изутрина изјави дека на Парламентот ќе му предложи воведување воена состојба откако Русија нападна и задржа три украински воени брода во Црното Море. Доколку биде воведена воена состојба, тоа ќе значи и ограничување на граѓанските слободи и поголеми овластувања на државните институции.
На украинскиот Совет за безбедност и одбрана Порошенко го осуди „налудничавиот акт на Русија против Украина“ и изрази убеденост дека нападот бил изведен со намера.
– Воената состојба не значи објавување војна на Русија и ќе биде воведена само со цел – заштита – истакна Порошенко.
Руската федерална служба за безбедност потврди дека нејзините бродови заплениле три украински брода на граничната патрола во Црното Море кај Крим, а користеле и оружје за да ги принудат да запрат.
Во инцидентот беа повредени тројца украински војници, кои добија лекарска помош – соопшти ФСБ. Според „Ројтерс“, нивните животи не биле загрозени.