Има актери и актерки кои никој не ги знае по улогите што ги играле. Тие се најтоксични, зашто својот недостаток на талент го компензираат со сплеткарење на кое му лепат етикета „борба за демократија и квалитет“. Квалитет кои самите го немаат, па затоа секташки се групираат со слични на нив и прават штети во театрите и
институциите. Штом нешто почне да цвета, на нив одма им смета. Тие бездарници и медиокритети немаат политички предзнак. Ги има во секоја партија и претставуваат најголема закана за угледот на тие партии, зашто роварат под радарот.
Ги замолувам оние кои ќе се најдат во горните редови, да не шират лаги, во обид да ме оцрнат за да ја оправдаат својата хајка за мојата смена од директорската функција, зашто постојат документи за тоа на кого му е прв поделена одредена улога и ја одбил, па ми била доделена мене. Постојат и за тоа кој режирал и кој треба да режира, повеќето од нив се токму нивни пријатели, а не мои. Дури никогаш и немам играно во нивни претстави. Откако сум директор, од седум претстави кои се работеа во Драмски, играв само во „Летот над кукавичјото гнездо“.
Постојат и документи кои велат дека секоја пара што влегла во Драмски е чиста како солза. Факт: Драмски нема долгови.
Подобро нека ја кажат вистината. Сашо, ни пречеше од првиот ден кога те назначија за директор, зашто не си во нашата секта која мисли дека треба да добие сѐ. Тоа се тие борци за правда и квалитет, кои самите добиваат многу привилегии зашто нивни блиски се блиски со некои во власта. Толку.
Сега малку за светлата страна. Заминувам од кормилото на Драмски со убави спомени и крената глава. Го презедов кога беше во лоша кондиција, со празна сала и лоши претстави на репертоарот. По моето доаѓање, во наредните осум месеци, продажбата на билети скокна за речиси 100 проценти. И за тоа има документ. Се направија претстави кои полнеа сали и се зборуваше за нив во суперлативи. Нешто што претходно му се немаше случено на театарот со години.
Имав голема помош од вработените, им подадов рака на сите и ми вратија со посветеност во работата и врвна професионалност. Им пристапив без суета на сите, дури и на оние актери со кои не сме се мирисале лично или поради светогледите. Кога правиш победнички тим, нема место за суета. Ја сфатија пораката. И тие сакаа подобар Драмски театар.
Згазив на суетата и кога побарав помош дури и од оние медиуми кои во груевизмот правеа хајки против мене.
Помошта ја добив. И тие и останатите застанаа зад приказната што ја плетев околу Драмски. Благодарност до сите тие новинари и уредници.
Убави зборови имам и за луѓето во СДСМ кои ми дадоа доверба да го водам Драмски театар, иако не бев нивни сопартиец. Луѓе по функции поголеми или помали, ама по човештина – џинови. Ми излегуваа во пресрет секогаш кога барав помош за театарот. Нема да ги именувам посебно. Знаат кои се. И тие знаат дека не ги разочарав. Како и да е, ми беше чест што бев директор изминативе тринаесет месеци и привилегија да имам такви соработници и таква публика.
В.д. директор,
Сашо Тасевски