Директно сум засегнат од подобрувањето на животот на луѓето со хендикеп. Имам мултиплекс склероза и од пред година и пол морам да користам инвалидска количка за движење.
Луѓето со хендикеп секогаш имаат потреба од државна помош. И таа помош никогаш нема да биде доволна. Некои аспекти од нашите проблеми се решаваат и се решени, било како, колку се може.
Но една работа, толку банална и едноставна е несфатливо запоставена, а тоа е прилагоденоста на улиците за движење на инвалидски количка, т.е. спуштени тротоари, посебно на пешачките премини, и можноста луѓето во количка да влегуваат во државните институции, културниот и јавен простор, и најважно, во здравствените ординации од приватниот сектор, посебно оние кои имаат договор со Фондот.
Во Македонија не постои закон со кој се предвидени задолжително спуштени тротоари, ниту институциите да имаат пристапни рампи за луѓето во количка. Во Куманово, не постојат спуштени тротоари на ниедна улица. Не е неверојатно дека законот ги обврзувал, а градските власти толку масовно и толку долго го прекршувале законот. Знам дека и во други градови е исто или слично, вклучувајќи го и Скопје.
На дебатна емисија на една од националните телевизии пред една година кажав дека за решавање на овој проблем исклучиво е одговорна извршната власт, и посебно нејзиниот прв човек, премиерот Зоран Заев. Владата до ден-денес нема ниту сторено, ни најавено дека ќе преземе нешто. А бидејќи имаат парламентарно мнозинство, лесно можат да донесат закони. Премиерот се појавува во јавноста со збунувачки настап и изјави, сосема неспремен и неупатен во темата за која е отиден на средбата со Здружението Полио плус. Зошто Заев површно пристапува на работите, спуштајќи го нивото на своето делување на недозволив аматеризам? Зарем од толку советници, не можел некој да го подготви, да го упати во состојбите, па кога оди на конкретна средба, да знае да каже нешто повеќе од општи и необврзувачки фрази, од кои ништо не е јасно?
А лошо делува кога премиерот наместо со јасни ставови, обесхрабрувачки дава празни и недефинирани ветувања, за работи кои не дозволуваат импровизација. А овозможување луѓето во количка да се движат слободно и да имаат пристап во јавниот простор, не е никаква голема наука ни техника. За ВМРО знаеме дека тоа не им беше битно. Но СДСМ, кога ја почна борбата за преземање на власта, пред три години, можеше нехуманиот однос на ВМРО кон луѓето во количка да го искористи како една од ударните точки за уривање на власта. Ама ни тие немаа намера да се бават со овој проблем што јасно се гледа дека и година по преземање на водењето на државата, абер си немаат да прават било што. Затоа и премиерот е толку неспремен и незаинтересиран во изјавите.
А најскандалозно и понижувачки е поврзувањето дека нешто ќе се прави на оваа тема, затоа што во претпристапните преговори мора нешто да се реализира на оваа тема, со што индиректно премиерот кажува, дека да не е тоа, ни на крај на памет не му е да се занимава со ова. И зарем сме општество, кое нема ни малку капацитет, ниту став да решава проблеми, кои се апсолвирани како елементарна хуманост и базични човекови права? И наместо тоа да се реши тивко, без посебни нагласувања на значењето на такви одредби, со закони кои не се идеолошки, ни би задирале во ничии посебни интереси, ние доживуваме премиерот да вели дека тоа ќе го прави затоа што така други барале од нас. Значи, конечно се сфаќа дека ЕУ нема намера да нѐ третира како ни трунка сериозни, додека не направиме работи, со кои би заличиле на нешто барем малку пристојно.
А толку време помина. И на срам на целото општество, признаваме дека сме далеку од состојба кога цврсто знаеме што треба, за да се приближиме на нешто што би било почеток на некоја уреденост и среденост, што многу држави одамна го завршија. Дали со оваа посета Заев кажува дека некој од ЕУ му го истрил носот поради ова? Или некој од неговите го потсетил дека време е да преземе некоја иницијатива на оваа тема, за да и догодина повторно не биде изненаден со условен датум? Но толку слаб и неодреден настап е неприфатлив, и подобро да не го ни имал. Што е користа од таа посета? Дали ќе извлече поука од тоа дека работите не се унапредуваат сами од себе?
Чекам јасен план што и кога ќе прави. Само да не се вклучи и Институтот за сеизмологија за да се пресметува каков земјострес треба да издржат спуштените рабници на тротоарите. И да не треба мегапроект за спуштени рабници и пристапни рампи?
Драган Спасовски, Куманово